ИСТОРИСКО НАСЛЕДСТВО; Стариот Рим и создавањето на модерниот свет

Во модерниот свет „Запад“ е термин со кој го означуваме географското подрачје на Европа и на Северна Америка што под влијание на римската и грчката култура, а потоа и со ренесансата и просветителството се развило во општество со заеднички историски, културолошки, верски и политички вредности.

За едни синоим на демократија и напредок, за други предмет на замерки, контроверзи и декадентност, западната цивилизација е плод на развој на повеќе од 2.000 години. Голема улога во тој процес имала Римската Република, а потоа и Римското царство.

rimska-republika-i-rimsko-carstvo

Од Велика Британија па сѐ до денешна Сирија, римската империја со векови доминирала во светот. Преземајќи го најдоброто од секој народ, посебно од старите Грци и додавајќи сопствени придонеси, Стариот Рим го удрил темелот на Западната цивилизација.

Од јазикот, културата, верата, филозофијата, медицината и уметноста, Римјаните на светот му оставиле непроценливо културно наследство и го обликувале современото општество.

Римската Република
Римската цивилизација своите корени ги влече од 753 година п.н.е, како кралство. По повеќе од двеста години монархија, во 509 година п.н.е била основана Римскта Република. Водечката политичка улога ја презеле Римскиот Сенат, конзулите и трибуните. Тоа е периодот на Пунските војни, инвазијата на Ханибал, освојувањето на Галија и првото истоварување на римските легии во Британија.

rimska-republika

Голем дел од општествените и традиционални карактеристики од тој период постојат и денес. Римските броеви, кои подоцна се заменети со арапски и денес се користат при означување на вековите, титули на кралевите и папите, различни продолженија на филмови и поглавја на книги.

Од Етрурците Римјаните ја презеле латинската абецеда која се користи и денес, а латинскиот јазик масовно се проширувал во сите окупирани провинции.

После падот на Западното Римско Царство 476 година, латинскиот јазик продолжил да се користи во текот на Средниот век и Ренесансата и станал службен јазик на Католичката црква сѐ до ден денес.

Латинската терминологија и денес се користи во многу области на медицината, биологијата, ботаниката, астрономијата, правоти и сл.

Календарот што денес се користи на Запад е Грегоријанскиот, воведен во 1582 година, се темели на Јулијанскиот календар на освојувачот Јулије Цезар.

Римското Царство

После 500 години Република, во 27 година п.н.е, Октавијан Август станал првиот римски цар. Започнал период на мир и просперитет познат како „Пакс Романа“. Новите откритија и филозофии продолжиле да се шират низ Царството. Гален, познатиот старогрчки доктор кој живеел во тоа време, многу влијаел врз развојот на западната медицина, анатомија, физиологија и неврологија. Тој презел и усовршил многу учења на Хипократ, кој денес се смета за татко на западната медицина.

Во Римското Царство постоеле и голем број секти и верувања. Меѓу нив била и една која засекогаш ќе го промени текот на историјата. Појавата на христијанството во првиот век на Блискиот исток набрзо почнало да зазема широки размери.

Roman-Empire-1
После повеќе прогони прогони, во 380 година, христијанството станало официјална религија во Царството. После падот на Рим, во 476 година во рацете на германските племиња и падот на Европа во еден мрачен период, познат како Среден век, црквата ја презела улогата на чувар на она што преостанало од античката цивилизација.

Во XIV век, со појавата на Ренесансата, римската култура, уметноста и филозофијата го доживеале својот подем. Повторно почнале да се учат делата од антиката на Платон и Аристотел, што многу се одразило врз основачите на Уставот на САД, со идеите за поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

rim-2
Влијанието од антикате се забележува и во социјалните заедници, архитектурата и инфраструктурата. На Римјаните им се припишува дека го измислиле бетонот и оти граделе исклучително квалитетни улици, кои овозможувале брзо движење на легиите во сите делови на Царството.

Римското влијание е забележително и во правото. Римското општество било исклучително напредно и добро уредено пред сѐ заради законите на кои се темелело. Многу елементи од римското право влијаеле врз развојот на современиот правен систем.

Принципите дека сите граѓани се еднакви пред законот и дека лицето е невино сѐ додека не се докаже вината, потекнуваат токму од римското право.

Градови

Со освојувањата низ Европа и светот, риимската војска се стационирала во кампови. Тие кампови често пати прераснувале во градови, а дел од нив и денес постојат. Лондон, Париз, Виена, Келн…, се само дел од нив.

Државјанството исто така било еден од концептите на римското царство. Поседувањето на римско државјанство подразбирало многу обврски, но и нудело многу привилегии, како гласање, партиципирање во јавниот и политичкиот живот, право на имот, наследство и слобода на движење. Еден од условите за негово добивање било служење на воениот рок. Странски граѓанин кој служел во римските легии морало да наврши 25 години служба за да може да добие римско државјанство.

Заклучоци

Од малите и скромни почетоци на монархијата во подрачјето на Лација, се формирала Република, а потоа и Царство кое освоило и со векови доминирало во светот. Римјаните оставиле неизбришан траг чие влијание е мошне забележително и денес. Од филозофија и медицина до величествени градби и политички идеи. Римјаните ги поставиле темелите на Западните цивилизации. Иако веќе не постои, влијанието на римската култура и понатаму живее во многу сегменти на нашето општество, во јазикот, политичката култура и менталитетот.

Преземено од: labavo.mk 

 

 

Поддржете ја нашата работа: