Најголемата студија за вакцини и аутизам досега покажа дека не постои поврзаност меѓу нив, дури и кај деца кои имаат поголем ризик за развој на нарушувањето. Всушност, научниците откриле дека невакцинираните деца се изложени на поголем ризик од дијагностицирање на аутизам отколку оние кои добиле вакцини.
Митот дека вакцините го предизвикуваат аутизмот е побиен многу пати.
Во 1998 година, британскиот гастроентеролог Ендру Вакефилд објави студија која се темели на 12 деца кај кој ја поврза ММР вакцината со колитис и пореметување од аутистичен спектар. Резултатите не се повторени, а подоцна се покажа дека истиот ги фалсификувал податоците, поради што му беше одземена медицинската лиценца за работа.
Друга студија од 2017 година, го поврзуваше алуминиумот во вакцините со аутизам. Оваа студија е повлечена откако научниците забележале манипулација на сликите, додека ко-авторот тврдел дека бројките намерно се изменети пред истата да биде објавена.
Најновата студија која потврдува дека нема апсолутно никаква поврзаност помеѓу MMР вакцината и аутизмот, вклучува 657.461 деца родени во Данска во периодот меѓу 1999 и 2010 година, вклучувајќи 6.517 деца со дијагноза на аутизам.
Тим од дански научници, засебно анализирале деца со зголемени фактори на ризик за појава на аутизам, како што се постари родители, предвремено раѓање, мала тежина при раѓање, аутизам кај браќа и сестри и слично. Тие исто така испитувале дали аутизмот е почеста појава кај децата кои добиле други задолжителни вакцини пред ММР.
“Не откривме докази дека ММР вакцината го зголемува ризикот од развој на аутизам во набљудуваниот примерок на дански деца, ниту потврда дека ММР предизвикува аутизам кај групи со зголемен ризик за негова појава, како ни дека аутизмот се појавува во одреден временски период по вакцинацијата”, вели д-р. Андерс Петер Хвид од Институтот во Копенхаген.
Истражувачите напоменуваат и дека студијата е спроведена иако порано е докажано дека не постои врска помеѓу ММР вакцината и аутизмот, но признаваат дека можеби и нивната студија не е доволна.