Научниците од Велика Британија за прв пат успеале да изолираат матични клетки во рана фаза од човечки ембрион кои се нарекуваат „наивни“ плурипотентни кетки.
Ова достигнување на кое научниците работеле со децении, ќе помогне подобро да се разбере како се развиваат генетските состојби, како што е Дауновиот синдром на клеточно ниво и да се создадат нови третмани што ќе овозможат да се развијат здрави клетки.
Предноста на наивните плурипотентни клетки е во тоа што се флексибилни, за разлика од другите видови матични клетки што се користат за научни цели, што теоретски значи дека нема ограничување во кое ткиво тие би можеле да се развијат.
За споредба, неизменетите ембрионални матични клетки (изолирани од оплодена јајце клетка) и индуцираните плурипотентни матични клетки (репрограмираните клетки од кожата) веќе се предодредени да се развиваат во одреден тип на клетки. Од друга страна, наивните плурипотентни матични клетки изолирани од човечки ембрион немаат таква предодреденост, што значи дека тие потенцијално може да служат за секаква биомедицинска терапевтска употреба.
„Наивните матични клетки потенцијално може да се користат за различни намени, од регенеративната медицина, па до моделирање на пореметувањата кај човечкот. Во однос на регенеративната медицина ова може да значи развивање на третмани со „здрави“ клетки за органите и ткивата што се погодени од некоја состојба која го пореметува нивниот капацитет за нормална регенерција, вклучувајќи ги тука срцето, мозокот и панкреасот“- вели Ге Гуо од Институтот за матични клетки при Универзитетот Кембриџ.
Кога една јајце клетка ќе биде оплодена од сперма, таа почнува да се дели и да се реплицира пред ембрионот да добие форма. Како дел од овој процес, ембрионалните клетки се групираат и создаваат структура која се нарекува бластоцит кој се состои од различни типови на клетки кои се витални за натамошниот развој на ембрионот.
Научниците успеале да ги изолираат овие клетки од бластоцитот во раната фаза на процесот – шест дена после оплодувањето и околу еден ден откако бластоцитот почнал да се формира.
Според истражувачите, оваа техника би била од особена корист за проучување на состојбите кои се развиваат како последица на абнормален број на хромозоми, како што е на пример Дауновиот синдром.
Техниката е опишана во „Stem Cell Reports“.