Во 1970-тите години, алергиите на храна биле ретки. Сега австралиските бебиња имаат највисока стапка на алергија во целиот свет. Едно од десет бебиња и две од десет деца на училишна возраст имаат докажана алергија на храна.
Во текот на 14 години, се до 2012 –тата година забележано е 50 процентно покачување на болничките посети заради анафилакса, најтешката алергиска реакција. Бебињата и малите деца најмногу придонеле за ова покачување.
Најчестите алергии на храна се 9-те главни протеини во исхраната: кравјо млеко, соја, јајца, пченица, кикирики, ореви, сусам, риба и морски плодови. Алегијата од јајца и кикирики е најчеста кај бебињата и малите деца.
Новите истражувања објавени во „JAMA“ покажуваат дека раното воведување на јајца во исхраната, кај бебиња од 4 до 6 месеци, и на кикирики, кај бебиња од 4 до 11 месеци, е поврзано со пониски стапки на алергија на јајца и кикирики кај децата.
Истражувачите анализирале комбинирани резултати од истражувањата за тоа дали алергените на храна вметнати во исхраната на бебињата го спречуваат развојот на алергија на оваа храна. Тие заклучиле дека постои „умерена“ сигурност дека раното воведување на јајца и кикирики е поврзано со помал ризик од алергија.
Исто така, откриле дека раното воведување на глутен (пченица) не е поврзано со зголемениот ризик од целијачна болест.
Истражувачите го користат терминот „умерена сигурност“ бидејќи извештаите се темелат на збир од повеќе истражувања со различен дизајн и од различен квалитет. Треба да се направат уште многу истражувања за подобро да се разбере и прецизира оптималното време за внесување на јајца и кикирики во исхраната.
Сепак, врз основа на ова истражување, упатствата за хранење на деца почнале да наведуваат дека раната конзумација не го зголемува ризикот за појава на алергија, и всушност би можела да делува заштитувачки, што не било случај во 1990-тите години кога се препорачувало да се избегнува одредена храна како што се јајцата и кикириките.
Упатствата сега препорачуваат изложеноста на јајца, кикирики и друга храна која предизвикува алергија, да се случи во првата година од животот за да им понуди заштита. Сепак, ова не значи дека ќе се спречи алергијата на храна. Кај некои деца сепак ќе се појави, и покрај следењето на упатствата за исхрана.
Знаеме дека тенденцијата за развој на алергиска болест е наследна, но исто така и еколошките фактори, вклучувајќи го микробиомот, нивото на витамин Д, ефектите од миграција, бројот на браќа или сестри како и изложеноста на домашни миленичиња, сите имаат влијателна улога, како и раната појава на егзема.
Истражувачите се’ уште го испитуваат влијанието на овие фактори врз појавата на ризикот за алергија на храна, но се согласуваат дека изложеноста на храна, како што се кикириките и јајцата во првата година од животот го намалува ризикот за алергија на овој вид на храна.