Јапонија ќе гради огромен леден ѕид за да ја задржи радијацијата од Фукушима

Јапонија ќе вклучи огромен систем за ладење кој ќе создаде 1,5 километри долг подводен „леден ѕид“, со цел да спречи излевање на радиоактивната вода што истекува од нуклеарната централа Фукушима која претрпи оштетувања од за време на земјотресот и цунамито во март 2011 година.

Овој потег доаѓа откако роботите кои беа специјално дизајнирани да ги отстранат стопените горивни прачки од Фукушима  престанаа да функционираат само неколку дена откако почнаа со работа, како последица на високото ниво на радијација која доведе од уништување на нивното напојување (енаука.мк).

Новиот план е да се замрзне водата околу областа за да не може контаминираната вода од Фукушима да истекува во Тихиот Океан.

Овој систем кој е прилично екстремен и ќе ја чини Јапонија околу 35 милијарди јени (312 милиони долари) и неговата реализација доцни веќе една година, па некои експерти сѐ уште не се убедени дека ова ќе функционира.

Овој план опфаќа поставување на 30-метарски разладни цевки под земја кои ќе го замрзнат тлото околу нив и со време ќе создадат 1,5 километри долг ѕид од мраз околу реакторот и турбините.

Проблемот е што реакторите во Фукушима мора да се ладат со многу вода за да го спречат прегревањето на истопените јадра, а таа контаминирана вода потоа истекува  преку пукнатините во подрумите од реакторите надвор во животната средина. Поради ова, околните фармери се приморани да користат „почва“ од полиестер за одгледување на  посевите за да ги одбегнат радиоактивни подземни води.

Траги од радијацијата од Фукушима се откриени и во Тихиот Океан во близина на западниот брег на Америка. Без роботите, како безбеден начин за отстранување на истопените горивни прачки, овој проблем нема да биде наскоро решен, па затоа засега целта е едноставно да се задржи контаминираната вода што е можно подобро.

Слични методи со користење на ледени ѕидови биле користени и порано за блокирање  на вода во тунели и подземни железници, но ледени ѕидови со вакви размери никогаш не биле тестирани. Се очекува дека за да се очисти Фукушима ќе бидат потребни децении, додека ваквите ѕидови користени во минатото траеле најмногу шест години.

Запрашан дали ледениот ѕид ќе ја оправда цената, на состанокот во средата, Тоширо Амаи, претставникот на компанијата „TEPCO“ одговорил: „Ефектите се сѐ уште нејасни, бидејќи очекуваниот исход се базира на симулации“.

Сепак, разладните цевки сега се завршени и Јапонското регулаторно тело за нуклеарна енергија даде одобрение тие да бидат вклучени во текот на оваа недела, со цел ледениот ѕид да се формира во текот на следните неколку месеци.

Прво ќе биде вклучен оној дел од системот кој е најблиску до Тихиот Океан, за да се спречи истекувањето на водата во тој дел. Остатокот од системот потоа ќе се вклучува во фази за да се обезбеди сигурност дека ќе функционира како што е предвидено.

Поддржете ја нашата работа: