Јупитер одговорен за изгледот на нашиот Сончев систем?

Според едно неодамнешно истражување, Јупитер може да поминал низ раниот сончев систем како топка за рушење ѕидови и притоа да ја уништил првата генерација на внатрешни планети, пред да се повлече во својата сегашна орбита.

Овие откритија исто така помагаат во објаснувањето на тоа зошто нашиот Сончев систем е толку различен од стотиците други планетарни системи кои астрономите го открија во последниве години.

„Кога ќе го погледнеме нашиот Сончев систем во споредба со сите други, една од најинтересните карактеристики е отсуството на планети во орбитата на Меркур“, вели Грегори Лафлин, професор и шеф на астрономија и астрофизика на Универзитетот во Калифорнија, Санта Круз, и коавтор на истражувањето.

Лафлин заедно со соработниците испитувал едно сценарио за формирањето на Јупитер и Сатурн, кое било предложено од друг тим на астрономи во 2011 година и е познато како „Grand Tack“ (Големото патување, пловење). Според тоа, Јупитер најпрво се движел навнатре кон Сонцето, се додека формирањето на Сатурн не предизвикало да го смени правецот и да се движи нанадвор кон сегашната позиција.

Истражувачите направиле нумерички пресметки за да видат што би се случило доколку пред Јупитер да се движи навнатре, таму веќе имало формирано карпести планети со блиски орбити. Во тоа време, можно е да се формирале карпести планети блиску до Сонцето, со густ диск од прашина и гас, кои со текот на времето ќе станеле типични „супер Земји“, како многу од екгзопланетите кои астрономите ги откриле околу други ѕвезди. Како што Јупитер се движел навнатре, гравитациските пертурбации од џиновската планета би предизвикале планетите премногу да се доближат, да им се преклопат орбитите, а со тоа предизвикувајќи серија судири кои ги ги искршиле сите планети на парчиња.

Остатоците од судирите, како и сите ново формирани супер Земји би биле уништени, бидејќи „ветерот“ од густиот гас околу Сонцето, би ги носел директно накај Сонцето. Потоа, од осиромашениот материјал кој останал, би се формирала втора генерација на внатрешни планети, што се совпаѓа со доказите дека внатрешните планети во нашиот Сончев систем се помлади од надворешните. Внатрешните планети – Меркур, Венера, Земја и Марс исто така не се толку масивни и имаат потенки атмосфери отколку што би се очекувало, вели Лафлин.

Според Лафлин, формирањето на џиновски планети како Јупитер е ретко, но кога се случува, обично планетата се движи навнатре, накај Сонцето, и завршува на оддалеченост слична на Земјата. Во нашиот Сончев систем, формирањето на Сатурн го повлекло Јупитер назад и го овозможило формирањето на Меркур, Венера, Земја и Марс.

Истражувањето е објавено во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.

Поддржете ја нашата работа: