Се смета дека славната Клеопатра, која успеала да заведе не еден туку двајца римски водачи, ја негувала својата убавина со гелот собран од сочните лисја на билката денес позната како алое вера. Ако е навистина така, тогаш таа е една од првите фанови на овој природен продукт, за кој се проценува дека денес вреди 13 милијарди долари годишно.
Овој леплив гел, денеска наоѓа извонредно голема примена. Како хербален лек се користи за лекување на болести и изгореници на кожата, па се до дигестивни проблеми. Како балзам се користи во козметиката и средствата за лична хигиена, во лосионите, антиперспирантите, детергентите, па дури и во тоалетната хартија. Во вид на прав се додава и во храната, како суплемент за подобрување на здравјето. Тој е еден од најмногу употребуваните природни продукти во светот.
Иако многумина ќе помислат дека околу оваа билка сѐ е познато, сепак воопшто не е така. Како прво, никој на знае од каде точно потекнува. Алое вера се одгледува во најтоплите краеви во светот многу долго, па затоа често луѓето веруваат дека таму отсекогаш постои. Но, вистинската дива популација не е откриена, па се претпоставува дека е изумрена во своето првично поднебје.
Уште поголема загатака претставува тоа зошто алое вера е најдоминантна, кога постојат уште 500 други видови на алое, од кои поголемиот дел имаат лисја исполнети со исто толку квалитетен гел. За да ја решат оваа мистерија, ботаничарите морале да се вратат назад во историјата.
Првиот веродостоен запис за алое вера како медикамент датира од околу 65 г. од н.е. кога грчкиот лекар Диоскорид ја напишал книгата „За лековитите средства“ (De Materia Medica), во која детално се опишува алое вера, заедно со многу прецизни илустрации. Диоскорид бил доктор во војската на императорот Нерон и ја користел својата омилена билка за лечење на разни видови болести кај војниците, како и за запирање на крварењето од раните.
Но, до времето на Диоскорид, лековитата билка веќе била одгледувана околу Медитеранот и пошироко. Употребата на алое вера гелот веројатно започнала со векови, пред Диоскорид да ја понесе со себе во војничките походи.
Според научните истражувања, билката алое првпат се појавила во јужниот дел на Африка, пред околу 19 милиони години. Во борбата да се прилагоди со променливите климатски услови се проширила североисточно, се до Африканскиот рог, од каде пред околу 5 милиони години, неколку се прошириле северно на Арапскиот полуостров, западно низ централна Африка и на исток до Мадагаскар.
Помеѓу оние што се појавиле на Арапскиот полуостров се наоѓа и група од седум видови кои делат исти карактеристики со алое вера. Според ДНК анализите тие претставуваат најблиските роднини на алое вера, што значи дека потеклото на алое вера се наоѓа некаде на Арапскиот полуостров.
Околу 25% од алое видовите имаат некаква медицинска употреба, но обично се познати само локално и далеку заостануваат по популарноста во однос на алое вера. Па, што е тоа што ја прави алое вера толку посебна? Одговорот е по малку изненадувачки.
Испитувањата на 30 видови алое покажале дека според хемиските својства нема значителна разлика помеѓу алое вера гелот и останатите видови. Се чини дека луѓето ја избрале алое вера повеќе од практични причини, отколку заради хемиските својства – има големи сочни листови со цврст гел, кратко стебло што овозможува листовите лесно да се соберат и лесно се одгледува.
Новите докази сугерираат дека големиот комерцијален успех на алое вера се должи веројатно на историска случајност. Во античко време, Арапскиот полуостров претставувал главна трговска оска. Најмногу се тргувало со темјан и смирна и до 4-от век п.н.е. била воспоставена рута, на север преку Египет до брегот на Медитеранот, како премин до античка Грција и Рим. Се тргувало исто така и со зачини, драгоцени камења и текстил, кои пристигале на Арапските пристаништа од Африка, Индија и подалеку. Луѓето од регионот веројатно ја одгледувале алое вера со генерации, а трговците ја носеле со себе како лек на своите долги и опасни патувања. Исечените листови останувале свежи и употребливи долго време, садниците издржувале долго време без почва и вода, па дури и навидум исушени лесно се опоравувале и растеле ако се засадат. На овој начин, најверојатно билката се проширила во Египет, античка Грција и Рим, потоа во Индија, а подоцна и во Америка.
Мистериозните лековити својства на алое вера
Најмалку два милениуми, а веројатно и повеќе, безброј луѓе во целиот свет ги користат лековитите својства на алое вера.
Во најраните времиња употребата била фокусирана на горчливиот „сок“ кој го излачуваат клетките што се наоѓаат непосредно под епидермисот на обвивката на листовите. Овој „горчлив сок“ се користел непрекинато од античко време како моќен прочистувач, а врвот на својата популарност ја достигнал во 18-ти и 19-ти век во Англија, кога како таблети се земал после вечерата. Постојат докази дека активните супстанци се фенолни соединенија, познати како антрахинони, кои им го даваат лаксативниот ефект на мешунките.
За разлика од „горчливиот сок“, гелот што се наоѓа во внатрешноста на лисјата од алое вера наоѓа голема и различна примена. Зголемениот интерес за гелот во модерното време започнал во САД во 1930 година, откако докторите откриле дека помага во заздравувањето на оштетувањата и изгорениците на кожата предизвикани од рендген зраците и станал исклучително популарен како третман за рак, егзема, па дури и за отстранување на влакна во тоа време.
Сепак, многу време пред ова, Кинезите го користеле гелот од алое вера за лечење на дерматитис. Во Индија луѓето го користеле при воспаленија на очите и зглобовите, со векови. На Јава го користеле за изгореници, а помешан со ружина вода, го пиеле за лекување на туберкулоза и гонореја. Малезијците и Мексиканците користеле пресувани плочки од гел за лечење и на свраб и на тумори. На Јамајка, варените лисја со сол ги користеле за лекување на опстипација (запек), а исечените листови ги користеле за лечење на повредени нерви и тетиви.
Од настинки, кашлици, бронхитис, оштетувања на кожата, па дури и до лекување на ќелавост, се чини нема нешто што некој, некаде не го лечи со алое вера.
Но, и покрај широката распространетост, не постојат клинички докази за лековитоста, па затоа научниците планираат да започнат со истражувања.