Како им влијае вселената на глувците?

Ова претставува најдолг престој на некое животно во вселената. Со оглед на нивниот животен век, деведесет и еден ден во вселената одговара на околу седум години за човекот.

Ова е едно од 20-те истражувања, каде се оценува какво е влијанието на 0 -гравитацијата врз здравјето на различни делови од глувците.

Со помош на микроскоп, истражувачите откриле дека овие „астроглувци“ имале потенка кожа од глувците кои останале на Земјата, како и промени во нивните мускули и влакна.

Резултатите од истражувањето беа објавени во списанието „NPJ Microgravity“, а истражувачите нагласуваат дека се работи за прелиминарни резултати, бидејќи се однесува на мал примерок од само три глувци. Но, овие согледувања се интересни, бидејќи и кај астронаутите често пати се јавуваат промени на кожата после подолг престој во вселената.

Истражувачите истакнуваат дека е тешко да се изведе заклучок релевантен за луѓето од овие резултати, но потенцираат дека постојат други истражувања кои се однесуваат на астронаутите.

НАСА и другите вселенски агенции, надгледувале неколку вакви истражувања, меѓу кои и т.н. „SkinCare“, каде се разгледувале промените на кожата на германскиот астронаут Томас Рајтер, за време на неговиот едногодишен престој на Меѓународната вселенска станица во периодот 2006-2007 година. Во тек е и уште едно вакво истражување наречено „Skin-B“.

Кај астронаутите се забележува тенденција на зголемена иритација на кожата и појава на мали ранички -како гребаници и абразии, кои потешко заздравуваат.

Експериментите со глувците се со намера да се видат овие промени на микроскопско ниво.

Текот на истражувањето
Во август 2009 година, шест глувци биле однесени на Меѓународната вселенска станица, со леталото „Дискавери“, во специјално изграден систем. Специјалната кутија, во која глувците биле сместени во одделни и обезбедени кафези, била сместена на вселенската станица три месеци, а во ноември глувците биле вратени на Земјата со леталото „Атлантис“.

Глувците биле автоматски хранети и надгледувани од астронаутите од Меѓународната вселенска станица.

Три глувци го преживеале патот – другите биле жртви на незгоди или здравствени проблеми и по слетувањето нивните ткива и органи биле собрани од научниците, кои биле вклучени во 20-те различни истражувања.

Научниците ги споредувале примероците од кожа од овие глувци со примероците од три глувци кои биле чувани во идентичен систем во истиот временски период  на Земјата.

Кожата на глувците што биле во вселената била потенка, во споредба со контролната група глувци на Земјата. Исто така, биле присутни и промени во фоликулите на влакната. Научниците забележале дека е пореметен нормалниот циклус на раст на влакната. Наместо во фаза на одмор (кога влакното не расте), во која би требало да бидат, кај овие глувци  влакната биле во фаза на активен раст.

И покрај тоа што се работи за мало по обем, ова истражување покажува дека кожата е осетлива на микрогравитација, која може да доведе до нарушување при долготрајна изложеност. Ова е особено важно кога се планираат долгорочни престои на луѓето во вселената, како што се патувањата на човекот на Марс.

Поддржете ја нашата работа: