Како изгледа домот на една ѕвезда?

Со помош на вселенскиот телескоп „Хабл“, тим на научници, предводени од астрономите Даниел Апаи и Глен Шнајдер од Универзитетот во Аризона, ја направија досега најдеталната слика на домот на една ѕвезда. Се работи за големиот гасовит и прашинест диск на ѕвездата „Beta Pictoris“ стара 20 милиони години.

Овој огромен диск опфаќа дијаметар поголем повеќе од 20 пати од дијаметарот на планетарните орбити во нашиот Сончев систем и е познат по својата сложена структура, оформена од една или повеќе планети. Научниците неодамна открија дека структурата на дискот и количината на ѕвездена прашина кај овие дискови е неверојатно различна и можеби е поврзана со локацијата и масата на планетите кои се наоѓаат во нив. Европската јужна опсерваторија ја потврди планетата „Beta Pictoris b“ која орбитира во дискот на ѕвездата.

Новите слики покажуваат сложена структура и во внатрешниот диск, кој претходно не бил истражен, и ќе им овозможат на научниците да го истражуваат со цел да утврдат дали планетата го формирала. Астрономите сметаат дека структурата на внатрешниот диск е слична на предвидувањата на нумеричките модели, каде што една планета го деформира дискот.

„Beta Pictoris“ е првата ѕвезда за која во 1984 г. е откриено дека е домаќин на светол диск од прашина и остатоци. Оттогаш, претставува предмет на испитување. Лесно е да се види дискот бидејќи е составен од огромна количина на расеана ѕвездена прашина која го прави особено светол. Тоа може да е резултат на големи судири помеѓу тела со големина на планета и тела со големина на астероид кои се наоѓаат во неговиот систем. Покрај тоа, „Beta Pictoris“ е првиот и најдобриот пример за тоа како изгледа еден млад планетарен систем.

Поддржете ја нашата работа: