Влакнестите мамути, кои биле поголеми од современите слонови, живееле во екстремни услови, на многу ниски температури, во степите на северна Азија, Европа и Северна Америка. Последниот мамут исчезнал пред отприлика 4.000 години.
Преку една обемна генетска анализа на овие гигантни од Леденото доба и нивните современи роднини, слоновите од Африка и Азија, откриени се бројни генетски адаптации што им овозможиле на мамутите со векови да опстојат во такви неповолни услови.
Во истражувањето биле споредени гените на два мамути чии остатоци биле пронајдени во смрзнатата почва во североисточен Сибир, едниот стар 18.500 години, а другиот 60.000 години, со геномите на три азиски и еден африкански слон.
Наодите, што беа објавени во списанието „Cell Reports“, покажале дека мамутите поседувале генетски промени поврзани со нивната кожа и развојот на влакна, промена во биологијата на масното ткиво и инсулинот и толеранција на температура, по што се разликуваат од слоновите, вели генетичарот Винсент Линч од Универзитетот во Чикаго.
Истражувачите успеале да ја „воскреснат“ и мамутската верзија на генот наречена „TRPV3“. Кога го имплантирале во човечка клетка тој продуцирал протеин помалку чувствителен на топлина отколку кај слоновите, што укажува дека тоа им помогнало на мамутите да се помалку осетливи на студ.
Секвенцирањето на геномот може да овозможи клонирање на мамутот – или барем хибридна верзија на азискиот слон, со неколку физички крактеристики од неговиот влакнест роднина, вели Линч. Тој вели дека некој ќе го клонира мамутот и дека тоа е неизбежно.
„Иако сметам дека во скоро време ќе биде возможно да се воскресне мамутот, сметам дека тоа не треба да се направи. Современиот човек не е одговорен за нивното исчезнување, па затоа не и го должиме тоа на природата “, додава тој.