Како мозокот учи за важноста на некои слики во однос на други е предмет на истражувањето на д-р Соња Хофер од Универзитетот во Базел. Во неодамна објавената студија во „Neuron”, Хефер и нејзиниот тим покажуваат дека учењето на релевантноста на сликите значително ги модифицира невронските мрежи во мозокот. Овие модификации му помагаат на нашиот мозок поефикасно да ги процесира и класифицира преоптоварувачките стимули од средината.
Начинот на кој ја перцепираме нашата животна средина во голема мера зависи од тоа што претходно сме го виделе и научиле. На пример, искусните возачи не треба да размислат за значењето на различните сообраќајни знаци и лесно ги проценуваат различните сообраќајни ситуации. Тие ги филтрираат релевантните информации од поплавата на други ирелевантни стимули, и на тој начин реагираат брзо. Спротивно на тоа, на почетниците им треба многу подолго време за обработка на нови информации. Тимот на Хофер се осврнал на прашањето -како обработката на сензорните стимули е оптимизирана во мозокот преку учење?
Мозокот учи да направи разлика помеѓу слики
За до дојде до одговор на прашањето, тимот вршел истражување на визуелниот кортекс кај глувците. Овој дел од мозокот е одговорен за обработка и за перцепција на визуелни стимулации. Глувци трчале низ виртуелно реална средина каде што се соочувале со разни слики, од кои едната била поврзана со награда. Во рок од една недела, животните научиле да прават разлика помеѓу сликите и да одговорат соодветно. Процесот на учење се одразил на активноста на нервните клетки во визуелниот кортекс чии одговори биле регистрирани и следени во текот на учењето. Реакциите во мозокот на релевантните визуелни стимуланси биле доста неспецифични во почетокот, а со текот на времето многу повеќе неврони реагирале конкретно на секоја прикажана слика.
Учењето ја оптимизира обработката на стимули
„Од ден на ден, одговорот на невроните на сликите станувал се попрецизен и сигурен”, вели Адил Кан, еден од авторите. Тој шпекулира дека таквите промени во мозокот исто така може да ни овозможат поефикасно да процесираме важни информации од нашата средина и да реагираме веднаш на важните информации. Научниците, исто така, покажаа дека различни внатрешни и надворешни сигнали влијаат на обработката на визуелните стимулации.
„Забележавме дека одговорот на нервните клетки на истите визуелните стимулации стана помалку прецизен кога глувците дополнително требаа да направат разлика помеѓу различни мириси. Визуелните стимулации тогаш го губат своето значење и мозокот ја губи ефикасноста за процесирање на визуелните стимули”, вели Кан.
Неверојатно, очекувањето на стимулот, дури и пред да се појави, додека истовремено се исчекува награда, ја менува активноста во специфични мозочни клетки. Ова значи дека во различни моменти, нашиот мозок различно процесира идентични стимули – во зависност од нивната важност и значење.
Внатрешните сигнали влијаат врз визуелната перцепција
Традиционално се сметаше дека визуелните информации се исклучиво под контрола на визуелниот кортекс. Оваа студија, сепак, ја поткрепува теоријата дека во текот на учењето и многу други сигнали од различни региони на мозокот влијаат на активноста во оваа област на мозокот.
„Ова значи дека нашето претходно научено знаење, нашите очекувања и контекст може да имаат големо влијание врз нашата визуелна перцепција на животната средина”, објаснува Хофер.