Како настанала кометата 67П?

Ханс Рикман од Универзитетот Упсала во Шведска, заедно со своите колеги, не гледаат никаква причина зошто едниот дел од кометата би еродирала побрзо од останатите, па се фокусирале на теоријата за спојување.

Сметаат дека постојат две можности. Едната е дека две грутки мраз и нечистотија (од што се изградени кометите) се споиле уште во раниот почеток на Сончевиот систем. Тогаш, големите планети се’ уште не биле формирани, па нивната гравитација не влијаела на остатоците и брзината на судир била многу помала, овозможувајќи им на предметите да се спојат, наместо да се уништат.

Второто алтернативно сценарио е дека дека двете грутки биле дел од поголемо тело кое се уништило од некој силен удар, по кој грутките се споиле.

Рикман ги анализирал податоците од „Розета“ и барал докази за „нежно спојување“. Претходните набљудувања на кометата покажале дека таа е многу порозна, што значи дека ако се формирала при насилен удар, материјалот би требало да е покомпактен. Истражувачите исто така забележале дека јадрото на кометата содржи испарливи гасови, како јаглерод моноксид и диоксид, кои би испариле доколку кометата значително се загрее (како при силен удар).

Покрај тоа, истражувачи од Универзитетот во Берн, во Швајцарија и Државниот универзитет во Аризона ја поддржуваат оваа теорија за нежно спојување. Тие направиле околу 100 компјутерски симулации и покажале дека ударот може да се забави со меѓусебната гравитација.

Но, како една комета која се формирала во раниот Сончев систем може да преживее до денес, со оглед на фактот дека раниот Сончев систем бил насилно место? Компјутерските модели покажуваат дека шансите се многу мали, околу 5%, што доведува до идејата дека кометата се распаднала па потоа повторно се формирала, но ниту едно сценарио не може целосно да се исклучи, објаснуваат истражувачите.

Она што е сигурно, без разлика дали кометата е резултат на спојување на две помали делови или пак тие се споиле по уништувањето на еден поголем дел, е дека тоа спојување се случило со многу мала брзина. Овие откритија се важни за подобро разбирање на еволуцијата на Сончевиот систем. Истражувањето е објавено во „Science“.

 

Поддржете ја нашата работа: