Речиси 30 години научниците биле среќни со ова објаснување – со еден голем исклучок. Иако ова сценарио има смисла кога ќе се земат предвид големината на Месечината и физиката на нејзината орбита околу Земјата, работите немаат смисла кога ќе се спореди нивниот изотопски состав – геолошкиот еквивалент на ДНК.
Поточно, Земјата и Месечината се премногу слични што укажува на тоа дека и двете се формирани од истиот материјал кој се собирал на почетокот на историјата на Сончевиот систем. А тоа не би требало да биде така, бидејќи телото што се судрило во Земјата, кое научниците го нарекоа „Theia“, дошло од вселената па се очекува да има различни изотопски соединенија од Земјата.
Се појавиле неколку теории за тоа, како на пример дека облакот темелно се измешал со Земјата, а подоцна кондензирал и ја формирал Месечината, потоа дека „Theia“ случајно била изотопски слична на Земјата или пак дека Месечината се формирала од материјалите на Земјата, наместо од „Theia“.
Сега, истражувачки тим од Универзитетот во Мериленд генерирал нов изотопски „отпечаток“ од Месечината кој би можел да биде последниот дел од сложувалката. Со нулирање на изотоп на волфрам, присутен и кај Месечината и кај Земјата, истражувачите се првите кои ја потврдуваат веќе прифатената првоспомената теорија за формирањето на Месечината. Резултатите, објавени на 8 април во „Nature“, сугерираат дека ударот на „Theia“ во Земјата бил толку силен што облакот се измешал темелно пред да се спои и да се формира Месечината.
Ричард Вокер, вонреден професор на универзитетот и коавтор на истражувањето, и неговиот тим разгледувале друг добро документиран феномен во раната историја на Сончевиот систем. Доказите покажувале дека Земјата и Месечината собрале дополнителен материјал по ударот, а Земјата собрала повеќе од тие остатоци и прашина.
Новиот материјал содржел многу волфрам, но релативно мал дел од него бил полесен изотоп познат како волфрам-182. Кога ова ќе се земе предвид, се очекува Земјата да има помалку волфрам-182 од Месечината. Но, кога ги споредиле камењата од Месечината и Земјата, истражувачите откриле дека Месечината има малку повеќе волфрам-182.
Токму оваа мала, но значителна разлика во изотопскиот состав на волфрамот кај Земјата и Месечината се совпаѓа со различниот материјал кој тие го собрале по ударот. Тоа значи дека веднаш откако се формирала Месечината, имала ист изотопски состав како и обвивката на Земјата.
Овие наоди ја поддржуваат теоријата дека облакот од остатоци и прашина темелно се измешал пред да се спои и да се олади, при што се формирала Месечината. Ова ги објаснува и преголемите сличности во изотопските отпечатоци и малите разлики во волфрам-182.
Научниците се’ уште треба да поработат на деталите, но јасно е дека раниот Сончев систем бил „насилно место“ со многу судири. „Овие резултати не носат чекор поблиску до разбирањето на блиската фамилијарна врска помеѓу Земјата и Месечината“, заклучуваат истражувачите.