Како психолозите го објаснуваат срамот?

Кај луѓето кои чувствуваат срам постои поголема веројатност да ги обвинуваат другите за негативните настани кои им се случиле, тие се непријателски расположени и помалку се способни да се соживуваат со другите.

Најпрвин ќе ја наведеме определбата во теоретски базираниот модел, кој ги објаснува разликите и сличностите меѓу срамот и вината и се заложува за концептуална класификација. Во овој модел срамот е концептуализиран како афект т.е. базична емоција која еволуирала преку социјална селекција и е предизивикана од перцепирана девалвација.

Голем број научници имаат предложено различни дистинкции помеѓу срамот и вината, па затоа можат да се идентификуваат и различни пристапи. Првиот пристап се базира врз идејата дека срамот е одговор (или страв) од критицизмот или неодобрувањето од другите.

Според Гибонс ова произлегува од хипотезата дека поединците осцилираат помеѓу свесноста за себе и свесноста за другите. Затоа, кога вниманието на поединците е екстерно насочено тие се склони да се конформираат со вредностите на другите, а срамот се јавува кога се согледува дека не можат да се конформираат. Сличен на овој е и еволуционистичкиот пристап, според кој срамот е поттикнат од потребата да се биде атрактивен за другите (детерминанта за социјален статус).

Според алтернативниот пристап, срамот се јавува кога негативната евалуација е насочена кон селфот што според одреден број согледувања се должи на тоа што срамот е поблиску поврзан со неуспех, перципирање за неисполнување на идеалите.

Луис срамот го опишала како акутно болно чувство, што обично е придружено со чувство на помала вредност и немоќ. Луѓето кои се срамат чувствуваат како да се подложени на набљудување. Авторката наведува дека срамот, исто така, доведува до појава на желбата да се скрие, да се потоне во под, да се исчезне. Според неа, луѓето кои доживуваат срам се почувствителни на контекстуалните знаци и посветуваат поголемо внимание на тоа како се однесуваат другите.

Феноменолошките студии на срамот, исто така, ги потврдуваат наодите на Луис. Овие студии покажуваат дека срамот може да биде сигнал за загрозен социјален селф. Поединците кои доживуваат срам изјавиле дека се чувствуваат мали и инфериорни во однос на другите, се чувствуваат социјално изолирани и имаат желба да се скријат од другите.

Според динамичкиот модел на срам и вина, луѓето ги доживуваат овие емоции кога имаат направено нешто „лошо“ во нивните очи или во очите на другите . Така Томкинг, Седвик и Франк го опишале срамот како чувство на пониженост, пораз, оттуѓување и слично.

Лицата склони кон чувствување срам преферират да се повлечат во себе и ги обвинуваат другите за стореното.

Според Шор, срамот се јавува во втората година од животот како резултат на интеракција меѓу децата и возрасните.

Поддржете ја нашата работа: