Едно истражување на невролозите од МИТ, објавено во „Nature Neuroscience“, открива дека двата дела од мозокот – хипокампусот и префронталниот кортекс, кои се клучни за процесот на учење, користат две различни фреквенции на мозочни бранови за да комуницираат, при што мозокот учи да поврзува неповрзани објекти. Кога мозокот правилно ќе ги поврзе предметите, брановите осцилираат на повисока фреквенција наречена „бета“, додека кога претпоставката е погрешна брановите осцилираат на пониска фреквенција наречена „тета“. Овие осцилации можат да ги засилат точните, а да ги потиснат погрешните претпоставки, со што му помагаат на мозокот да учи нови информации.
Научниците ја испитувале активноста во мозокот при формирањето на т.н. експлицитна меморија, односно онаа меморија за факти и настани. Тоа ги вклучува врските помеѓу предметите, како на пр. имињата и лицата, или локацијата и настанот кој се одржал таму. Тие направиле истражување на животни, при што им покажале слики, а животните после повеќе обиди и грешки, успеале да научат кои парови на слики одат заедно, по што биле наградени. Како што научниците ги снимале мозочните бранови во хипокампусот и префронталниот кортекс, забележале дека тие се случуваат на различни фреквенции, во зависност од тоа дали одговорот бил точен или не. Кога одговорот бил точен, брановите биле во бета фреквенција (9-16 херци), а кога не бил точен во тета фреквенција (2-6 херци).
Претходните истражувања покажале дека стимулирањето на невроните со бета фреквенции ги зајакнува врските помеѓу невроните, додека стимулирањето со тета фреквенции ги ослабува. Научниците сметаат дека токму тоа и се случило при оваа задача.
Овие резултати претставуваат чекор напред во откривањето на начинот на кој се формира меморијата и го истакнуваат значењето на мозочните бранови во когнитивната функција.
Сега научниците истражуваат дали можат да го забрзаат учењето преку неинвазивна електрична стимулација која осцилира на бета фреквенција кога одговорот е точен, и на тета фреквенција кога одговорот не е точен. Оваа форма на електрична стимулација со многу низок напон веќе е одобрена за употреба кај луѓето. Доколку успее, би била од особено значење за подобрувањето на меморијата или лекувањето на невролошките нарушувања, истакнуваат научниците.