Како се формираат бисерите?

Бисерите се едни од најомилените видови на накит на жените, но дали некогаш сте се запрашале како се формираат?

Мекотелите – родители на бисерите

Мекотелите се група ткивни животни кои спаѓаат во без’рбетниците. Постојат над 85.000 видови на мекотели. Најмногу има водни мекотели и тие сочинуваат околу 20% од сите водни организми, но можат да се најдат и во копнените живеалишта. Едни од најпознатите мекотели се остригите и школките. Во внатрешноста на овие животни може да се најдат бисерите.

1

Но како се формираат тие?

Бисерите се формираат во внатрешноста на телото од мекотелите (остригите, школките). Процесот на создавање на бисерот почнува кога некоја надворешна честичка (наречена „иританс“), како што е зрно песок или парченце храна што плива во водата ќе навлезе во внатрешноста на овие организми. Кога организмот ќе почувствува дека некаков иританс навлегол во неговата школка и го иритира мекото ткиво, тој за да се заштити најпрво се обидува да го отстрани. Ако тоа не успее, тогаш организмот применува уникатна техника за да го заштити телото од натрапникот.

Со цел да се осигури дека иритансот нема да продолжи да ја оштетува или да ја контаминира неговата внатрешност, организмот (школката, остригата) почнува да лачи супстанција позната како седеф, што е исто така присутна и во внатрешната обвивка кај овие организми. Седефот уште се нарекува и „мајка на бисерот“. Школката продолжува да додава слој по слој седеф за да го запечати натапникот внатре и да го оневозможи понатаму да ја оштетува. Откако ќе се формираат одреден број на слоеви од седеф, иритансот е комплетно изолиран од ткивото, а тоа всушност претставува бисер.

2

Вештачките бисери се создаваат помалку или повеќе на сличен начин. Единствената разлика е тоа што иритансот (зрнцето песок) намерно внимателно се вметнува во внатрешноста на школката, за да се стимулира создавање на бисерот.

Поддржете ја нашата работа: