Астрономите мислат дека конечно знаат како може да се формираат прстените околу малите планети, и се чини дека ваквите прстени се почести отколку што мислевме.
Во мали планети спаѓаат сите објекти кои орбитираат околу Сонцето и се поголеми од комети, но не доволно големи за да бидат планети- како што се на пример џуџестите планети, астероидите и повеќето работи во Кајперовиот појас.
Пред неколку години, набљудувачите на небото дојдоа до изненадувачко откритие дека една од овие познати мали планети во Сончевиот систем, „Chariklo“ има прстени околу неа. Па, во најновите истражувања астрономерите сакаат да откријат од каде доаѓаат овие прстени.
Малите планети кои се анализирани во ова истражување се наречени кентаури, и орбитираат помеѓу Јупитер и Нептун. Експертите велат дека постојат околу 44.000 од овие кентаури што се поголеми од километар во дијаметар.
Во ова истражување, истражувачите од Универзитетот во Кобе во Јапонија користеле серија од компјутерски стимулации за да ги моделираат приливните сили помеѓу малите и големите планети. Стимулациите покажале дека блиските средби на кентаурите и големите планети, како Сатурн и Јупитер, може да формираат прстени околу малите планети.
Ова ќе се случи доколку кентаурот има силикатно јадро покриено со ледена обвивка – мразот ќе биде извлечен од малата планета од страна на големата, и потоа тој ќе се смести околу малата планета во форма на прстен.
„Нашите нумерички резултати покажуваат дека формирањето на прстен би било природен резултат на такви екстремно блиски средби, и кентаурите може природно да имаат такви системи на прстен бидејќи тие поминуваат во орбитите на џиновските планети“-објаснуваат истражувачите.
Како дополнение, тие сметаат дека дури 10 проценти од кентаурите може да имаат прстени околу нив кои се’ уште чекаат да бидат откриени, но сепак признаваат дека им се потребни повеќе податоци за да бидат сигурни.
Како и „Chariklo“ за кого знаеме дека има прстени околу него, астрономите мислат дека и друг кентаур наречен „Chiron“ има сличен карпест прстен, иако ова треба допрва да се докаже.
Наредниот чекор е да се анализира еволуцијата на овие мали планети во текот на подолг временски период, и со повеќе опсежни извори на податоци.
Се чини дека може да се дознае многу повеќе со проучувањето на овие помали вселенски објекти кои поминуваат покрај џиновските планети во Сончевиот Систем – дури постојат и мислења дека кентаурите може да преставуваат закана за животот на Земјата.
Овие „мали“ планети може да достигнат до 257 км (160 милји) во обем, и доколку една од нив го смени курсот и удри во Земјата, тоа би имало сериозни последици врз местото што го нарекуваме дом.
Експертите сметаат дека се има случено претходно, па дали би можело да се случи повторно?
Истражувањата се објавени во „The Astrophysical Journal Letters“.