Појавата на антибиотиците во 20-тиот век спаѓа во најголемите достигнувања на модерната медицина. За жал, нивната претерана и неодговорна употреба, доведе до појава на супербактерии кои станаа резистентни и инфекции кои се потешко се лекуваат со постоечките антибиотици.
Во најопасните спаѓаат „Staphylococcus aureus“, „Enterococcus species“ и „Enterobacteriaceae“.
Сепак, пред појавата на антибиотиците, луѓето се лечеле на различни начини. Она што денес го нарекуваме алтернативна медицина, некогаш била конвенционална, а со сѐ поголемата отпорност на бактериите, може да се очекува дека и голем број на луѓе ќе се свртат кон овој начин на лечење.
Во продолжение ви претставуваме некои од начините како се лечеле бактериските инфекции.
Крв, пијавици и ножеви
Пуштање на крв е древна метода на лечење која се практикувала повеќе од 3.000 години. Потекнува од Египет во 1.000 п.н.е, а била користена до средината на 20-тиот век, за голем број на состојби, а особено за инфекции и воспаление на белите дробови.
Оваа метода се базира на теоријата која вели дека четирите телесни течности (крв, слуз, жолта и темна жолчка), мора да бидат во рамнотежа, за да биде човекот здрав. Се верувало дека причина за инфекцијата е вишок на крв и за да може лицето да се излечи потребно е да му се пушти крв.
Една од методите кои се користеле за пуштање на крв било засекување на вена или артерија. Често се користеле и загреани стаклени садови кои се поставувале на кожата, со цел да се создаде вакум кој би предизвикал пукање на малите крвни садови и подкожно крварење.
Најпозната ваква метода била користење на пијавици.
Интересно е дека, иако пуштањето на крв го препорачувале докторите, самата процедура ја изведувале т.н. бербери или „бербери-хирурзи“. Нивниот симбол бил црвено-бел столб пред берберниците, како еден вид реклама за нивните услоги за пуштање на крв. Црвената боја ја симболизирала крвта, а белата завоите.
Од оваа пракса можно е всушност и да имало одрена корист- барем во раниот стадиум на инфекцијата со некои бактерии. На многу бактерии им е потребно железо за да се размножуваат а тоа се наоѓа во хемот-составен дел на црвените крвни зрнца. Теоретски, што помалку црвени крвни зрнца, помалку железо кое ќе овозможи развој на бактериите.
Лечење на сифилис со жива
Употребата на хемиски елементи и соединенија, исто така има долга историја во лекувањето, особено за рани и за сифилис.За време на Американската граѓанска војна, соединенија кои содржеле јод, бром и жива се ставале на кожата за да се спречи инфицирањето на раните, но терапијата била многу болна и предизвикувала додатно оштетување на кожата. Со оваа метода се стопирало размножувањето на бактериите, но исто така била штетна за здравите клетки.
Од 1363 до 1910 година, сифилисот главно се лечел со средства со жива кои се нанесувале на кажата или се внесувале орално или интравенски. Несаканите дејства биле исклучително тешки и вклучувале сериозни оштетувања на кожата, слузницата, бубрезите и мозокот, а неретко и смрт.
Арсеновиот дериват арсфенамин, исто така се користел за лекување на сифилис во текот на првата половина од 20-тиот век. Иако бил ефикасен, нуспојавите биле многу сериозни-отички невритис, грчеви, треска, оштетување на бубрезите и осип.
За среќа, во 1943 година пеницилинот ги заменил наведените методи и останал водечко средство за лекување на сифилисот.
Поглед во градината
Билките биле (и сѐ уште се), неизоставен дел од лекувањето на инфекциите. Во една од популрните методи бил вклучен кининот за лекување на маларија. Се добива од исушена кора од растението „cinchona“ кое може да израсне и до 20 метри, а расете во Јужна Аерика.Денеска се користи синтетички кинин за лечење на маларија, но некогаш луѓето го ситнеле и го користеле како прашок кој го мешале со вода за да се испие.
Кининот се користел и за лечење на треска, а првите записи за негова употреба за таа цел потекнуваат од 17-век, но многу е веројатно дека е користен и многу порано.
Артемисинот кој се добива од стеблото на билката сладок пелин, исто така е многу ефикасен против маларија. Ту Јоујоу од Кина, заедно со нејзиниот тим, анализирајќи ги старите кинески записи и рецепти, иденетификувала екстракти од сладок пелин кои ефикасно го спречуваат размножувањето на паразитот кој ја предизвикува маларијата, за што ја доби Нобеловата награда за медицина во 2015 година.
Старите Сумери уште пред 4.000 години го користеле медот за лечење на инфекции. Високата содржина на шеќер во медот ги дехидрира бактериските клетки, а неговата киселост може да го спречи растот и размножувањето на многу бактерии. Покрај тоа, медот содржи ензим глукоза оксидаза кој јакатализира оксидацијата на глукозата до водород пероксид , познат по своето антибактериско дејство.
Најефикасен мед е Манука медот, кој се добива од цветот на новозеланското чајно дрво (Leptospermum scoparium), кој има доплнителни антибактериски својства.