Кивањето претставува начин на кој нашиот имунолошки систем не штити од штетните бактерии и вируси, при што понекогаш течностите патуваат со околу 160 км. на час од нашето лице.
За да разберат како се шират одредени болести, истражувачите од МИТ користеле камери со голема брзина за да снимат како кивањето се распространува низ воздухот. Во истражувањето учествувале 3 учесници кои кивнале вкупно 100 пати. Секое кивање траело приближно ⅕ од секундата и наместо да се формираат униформирани облаци од капки како што всушност истражувачите очекувале, течностите се распространиле низ воздухот во одредена шема. Најпрво течностите се исфрлиле како компактни делови кои потоа експлодирале во форма на балон и потоа се распднале на подолги нишки.
Начинот на кој се мерат правците на пренесување на бактериите и вирусите се’ уште се потпира на традиционалниот начин кој преовладува веќе стотици години, а тоа е правење на анкета на луѓето за тоа со кого зборувале, каде биле и сл.
Затоа, истражувачите велат дека секогаш постојат јасни ограничувања на точноста на податоците, па затоа тие се обидуваат да добијат некакви попрецизни мерки за контаминацијата за подобро да го спречат ширењето на болестите.
Во моментов, истражувачкиот тим од МИТ подготвува нов лабораториски простор со контролирани климатски услови и доволно простор за да се тестираат повеќе учесници истовремено. Планираат да ги сортираат сите различни видови на кивање и кашлање, како и други начини на кои се пренесуваат болестите. Следна цел им е да откријат како настинката и грипот се пренесуваат во различни периоди од годината.
Истражувањето е објавено во „Experiments in Fluids“