Како се станува убиец ?

Д-р Алекс Пикеро, професор по криминологија и еден од авторите на студијата, вели дека тој и неговите соработници биле мотивирани од недостатокот на научна литература на оваа тема, односно разликувањето на луѓето кои би извршиле убиство од оние кои не би извршиле. Според студијата, има повеќе сличности отколку разлики помеѓу овие две групи.

„Откривме само пет фактори според кои се разликуваат луѓето кои убиваат од оние кои не убиваат“, вели Пикеро.

Студијата, објавена на интернет во весникот „Youth Violence and Juvenile Justice“ користела податоци од едно истражување (Pathways to Desistance) на 1 354 млади луѓе кои се обвинети за сериозни кривични дела. Истражувачите испитувале како 18 демографски карактеристики и 35 ризик-фактори влијаеле на разликувањето на 18 малолетници обвинети за убиство од оние кои не биле обвинети.

Една демографска мерка, односно возраста, и четири ризик-фактори значително се разликувале кај двете групи. Обвинетите за убиство имале:

  • значително помал коефициент на интелигенција
  • поголема изложеност на насилство
  • поголема можност за живеење во населба во која преовладува неред
  • поголема застапеност на оружје, односно луѓе кои поседуваат оружје

Кога овие пет фактори истовремено се разгледувале, само два биле статистички значајни. Малолетниците обвинети за убиство имале понисок коефициент на интелигенција и биле изложени на насилство. Изложеноста на насилство се мери според извештајот на малолетниците за тоа колку насилство виделе во својата населба.

„Се верува дека условите во околината ги поставуваат основните правила за она што е прифатливо. Во општествата со повеќе насилство има повеќе криминал“, вели Пикеро

„На пример, адолесцентите кои се постојано изложени на насилство, ќе си ги решаваат проблемите со насилство бидејќи научиле дека тоа е прифатливо па дури и неопходно“, вели Стефани М. Кардвел, една од соработниците на оваа студија.

Пикеро смета дека резултатите од оваа студија може да ги отфрлат стереотипите за сторителите на убиства, како што се на пр. тврдењата дека тоа се психопати или зависници од дрога. Тоа се луѓе предводени од ситуацијата и чувствата.

Според наодите од ова истражување , превентивната политика за тешки престапи и криминал би значела намалување на анти-социјалното однесување на луѓето.

Поддржете ја нашата работа: