Германски научници откриле еден начин на кој сонот ја подобрува способноста на телото да се бори против настинка. Сонот, се чини дека ја зајакнува способноста на одредени имунолошки клетки, така што ги подобрува нивните шанси да се “прилепат” и евентуално да ги уништат клетките кои се заразени со вируси.
Научниците се насочиле на таканаречените Т клетки кои се борат против инфекции. Кога Т клетката ќе забележи вирус, заразената клетка активира леплива белковина интегрин која овозможува да се спои на таа клетка.
Научниците успеале да докажат дека недостатокот на сон, како и подолгите периоди на стрес, резултираат со повисоко ниво на хормони, кои се чини дека го блокираат главниот прекинувач кој ги активира лепливите протеини.
Доколку сакате вашиот имунолошки систем да е во состојба да се избори против нападот, осигурајте потребен број на часови за сон секоја ноќ и избегнувајте хроничен стрес – вели Стојан Димитров од германскиот Универзитет Тубинген.
Димитров и неговиот тим се сомневале дека одредени хормони како на пример адреналинот и норадреналинот, или простагландините можат да го оттежнат активирањето на лепливите белковини така што го исклучуваат прекинувачот.
За да ја тестираат ваквата хипотеза, проучувале клетки од луѓе, заразени со цитомегаловирус (CMV). Т-клетките би требало да трагаат по клетки заразени со овој вирус и да го уништуваат, но кога човечките Т-клетки биле измешани со хормони во лабораториски услови, нивната способност за активирање на лепливи беланковини се намалила.
Потоа, научниците проучувале што се случува кај луѓето. Знаејќи дека нивоата од тие хормони се намалуваат во текот на сон, истражувањето опфатило 10 здрави доброволци кои поминале по една ноќ спиејќи во лабораторијата и две недели подоцна во будна состојба цела ноќ во истата лабораторија.
Сите доброволци биле заразени со истиот вирус. “Регрутиравме само здрави доброволци серопозитивни на CMV поради тоа што обично имаат висок број на антиген-специфични Т-клетки”, вели Димитров. Како што наведуваат научниците во списанието Journal of Experimental Medicine, тоа значи дека научниците нема да имаат проблеми за да во крвта на волонтерот најдат Т-клетки кои се нападнати од вирусот.
Во текот на ноќта додека спиеле имале интервенски катетри за научниците да можат да земат примероци од крв без да му го нарушат сонот на испитаникот.
Научниците г споредиле Т-клетките собрани во текот на ноќта додека испитаниците спиеле со оние земени во текот на ноќта додека биле будни и го откриле она што го очекувале – дека хормоните на стрес во текот на ноќта додека спиеле кај испитаниците биле на пониско ниво, отколку онаа ноќ додека биле будни.
Уште поважно, Т-клетките во ноќите кога испитаниците спиеле имале повеќе лепливи белковини за борба против вирусот отколку оние земени во ноќите кога не спиеле, што значи дека биле помоќни во борбата против вирусот.
Научниците одамна знаат дека недостатокот на сон влијае врз имунитетот – вели Луис Де Пало од медицинскиот факултет Икан во Њујорк.
“Многу клинички студии покажаа дека луѓето кои немаат квалитетен или доволно долг сон се со поголема веројатност да се разболат по изложеноста на вирусот”, вели ДеПало.