Како цицачите после исчезнувањето на диносаурусите почнале да ги менуваат животните навики

“Додека на еден не му се стемни, на друг нема да му се раздени” – е народна изрека која веројатно на најдобар начин го изразува она што им се случило на цицачите после исчезнувањето на диносаурусите.

Имено, додека тираносаурусите и останатите предатори од истиот вид господареле со нашата планета, цицачите биле мали и плашливи. Воделе ноќен начин на живот, а во текот на денот се сокривале од предатори.

Едноставно, не биле во состојба да се натпреваруваат со диносауруси за храна и територија. Меѓутоа, кога диносаурусите исчезнале, пред 65 милиони години, цицачите полека почнале да излегуваат од темнината и поголемиот број од актиности ги завршувале на дневна светлина. Меѓу првите такви цицачи биле човеколиките мајмуни кои се предци на денешниот човек.

Оваа теза научниците ја формирале уште во 1942 година, но до неодамна не успеале да ја поткрепат со докази. Палеонтолозите имале потешкотии само на основа на набљудување на фосили од древни животни да утврдат какв било нивното однесување. Обично ниту една карактеристика не можела да одговори на прашањето кога цицачите точно ја замениле ноќта со ден.

Во потрага по одговори, еден тим од истражувачи од Универзитетот од Тел Авив и Лондонскиот универзитетски колеџ, го анализирал начинот на однесување на 2415 видови на цицачи кои постојат денес.

Со помош на алгоритам направиле реконструкција на можното однесување на предците на споменатите видови од пред околу 220 до 160 милиони години. Овие истражувачи користеле две различни варијации на семејното стебло на цицачите, но резутатите сепак останале исти – цицачите на светлина излегле пред околу 52 – 33 милиони години.

“Бевме премногу изненадени што пронајдовме блиска корелација помеѓу исчезнувањето на диносаурусите и почетокот на дневна активност кај цицачите, но добивме идентичен резултат користејќи неколку алтернативни анализи”, наведува Рои Маор од Универзитетот во Тел Авив, автор на студијата, објавена во списанието Nature Ecology & Evolution.

Предците на приматите биле едни од првите цицачи кои почнале да бидат активни најмногу во текот на денот, пред околу 52 милиони години.

Очите на приматите претставуваат еден од најважните докази на оваа теза. И додека поголемиот дел од цицачите имаат специјални фоторецептори во очите кои овозможуваат монохроматски вид при слаба светлина, нив им недостасува фовеата, област во ретината каде фокусот е најизразен и ја детектира бојата при силна светлина.

Луѓето и приматите ја имаат оваа карактеристика најверојатно затоа што поминале неколку милиони години повеќе на днвна светлина од останатите цицачи, што им помогнало подобро да се адаптираат.

Истражувачите предупредуваат дека студијата ја покажува само корелацијата помеѓу исчезнувањето на диносаурусите и излегувањето на древните цицачи на дневна светлина.

“Многу е тешко да се поврзат промените во однесувањето на цицачите кои живееле тогаш со еколошките услови во тоа веме, и не можеме да кажеме дека изумирањето на диносаурусите предизвикало цицачите да излезат на светлина. Сепак постои јасна корелација во нашите студии”, вели Кејт Џонс – коавтор на студијата.

 

Поддржете ја нашата работа: