Од 1980-тите години, се’ поголем број на микробни форми на живот се откриени длабоко под земјата, но се’ уште не е познато кога и како овие микроорганизми ги населиле овие места каде што притисокот и температурата се екстремни, а хранливите материи и енергијата може да бидат ограничени.
Микроорганизмите се најстарата форма на живот на Земјата и играат клучна улога во екосистемот на планетата. Овие бактерии под земјата не живеат од сончевата енергија, туку од внатрешната топлина, хемикалии и хранливи материи на Земјата.
Истражувачите анализирале 11 геноми на „Thermotoga“, бактерија која ја земале од резервоарите на нафта во Северното Море и Јапонија, и од вентилите со топла вода на океанското дно во близина на Курилските Острови северно од Јапонија, Италија и Азорските Острови западно од Португалија. Исто така, ја анализирале ДНК на „Thermotoga“ од животната средина (т.н. метагеноми) од Северна Америка и Австралија.
Некои научници поддржуваат сценарио на „закопување и изолација“ каде што бактериите кои живеат во резервоарите на нафта се потомци на изолираните бактериски заедници кои биле закопани со седименти и со текот на времето станале нафтени резервоари. Меѓутоа, аналитичарите од Универзитетот во Осло и Колеџот Дартмут поддржуваат посложено сценарио на „колонизација“ каде што бактериите од подземјето и од морето постојано мигрирале во нафтените резервоари и влијаеле на нивниот генетски состав уште од антично време.
Резултатите од истражувањето покажале голем проток на гените низ сите животни средини, што значи дека бактеријата не била изолирана во нафтените резервоари, туку постепено мигрирала и ги колонизирала со што придонела за нивниот генетски состав. Протокот на гените се’ уште не е објаснет, меѓутоа научниците сметаат дека се случувал под земјата.
Овие откритија откриваат нова перспектива за „длабоката биосфера“ или огромното подземно царство чии едноклеточни жители, по број и разновидност, се прилично еднакви на сите микроби кои живеат на површината на земјата, во водата и воздухот.
Истражувањето на микробите може да им помогне на научниците подобро да ја разберат раната еволуција на Земјата и да помогнат во потрагата по живот на Марс и на другите планети.
Истражувањето е објавено во „Тhe ISME Journal“.