Канада од 17ти овој месец стана втората земја, по Уругвај, која легализира поседување и рекреативно користење на канабис. На Канаѓаните од денеска им е дозволено да одгледуваат, поседуваат и конзумираат канабис за рекреативни цели.
Дериватите на канабисот, како што се храна, козметика или електронски цигари со марихуана, ќе бидат дозволени од 2019 година, но канадските претприемачи веќе почнаа подготовки за да заземат место на пазарот кој ветува.
Откако либералниот премиер Џастин Трудо беше избран кон крајот на 2015 година, финансиските пазари влегоа во нов бизнис и канадските производители на канабис веќе заработуваат милијарди. Трите најголеми компании котирани на Берзата во Торонто веќе имаат акумулирано повеќе од 30 милијарди канадски долари (19,9 милијарди евра).
Легализацијата би требало да ја стимулира канадската економија и да произведе меѓу 816 милиони и 1,1 милијарда долари нови приходи во четвртиот квартал од тековната година. Во ова не е пресметан црниот пазар кој произведува една четвртина од сите „џоинти“ испушени во Канада, покажуваат податоците на Канадското статистичко биро.
Статистичкото биро проценува дека 5,4 милиони Канаѓани, или 15 проценти од населението, до крајот на 2018 година ќе купуваат канабис во овластени продавници. Во странство внимателно ќе се следи канадското искуство, изјави уште во мај премиерот Трудо.
– Сојузниците со кои разговарав сакаат да видат како ќе одат работите кај нас … пред и самите да влезат во тоа. Ако работите добро функционираат, а јас очекувам така да биде, верувам дека и другите земји ќе не следат, рече Трудо.
Подготовките веќе се во тек во одредени региони и населени места, а локалните власти и фирмите ќе мора да се усогласат со новиот закон.
Сојузниот Парламент на пролет ја изгласа легализацијата на канабис кој во Канада беше забранет во 1923 година, но реформата ќе ја спроведат десет сојузни покраини и три територии. Неколку веќе најавија дека нема целосно да го применат новиот закон.
На пример, со новиот федерален закон секое домаќинство ќе може да одгледува до четири растенија канабис, но централната канадска покраина Манитоба и источната покраина Квебек се изјаснија дека ќе забранат одгледување, иако за тоа последниот збор го има Врховниот суд.
Исто како и за производството и дистрибуцијата на алкохол и тутун, покраините сами ќе одлучуваат за старосната граница. Во повеќето границата е 19 години, но во Алберта е 18, а Квебек сака да ја зголеми границата на 21 година.
Во однос на комерцијализацијата, некои од покраините, меѓу кои и Квебек, сакаат да имаат монопол, а други како Онтарио или Нова Шкотска одлучија тој бизнис да му го препуштат на приватниот сектор.
Поинакви ќе бидат правилата и за припадниците на сојузната полиција. Вработените во сојузната полиција ќе мора да се воздржат од употреба на канабис 28 дена пред работа, а таква регулатива ќе се применува и во Торонто. Во Монтреал од полициските службеници само се бара трезни да доаѓаат на работа.
Канабисот нема да може секаде да се користи. Во некои градови, како на пример Монтреал, за употреба на канабисот ќе важат истите правила како за цигарите. Во некои други градови, пушењето „џоинт“ ќе биде дозволено само дома.
Во соработка со: Gostivarpress.mk