Ќе одиме ли повторно во вселената?

НАСА го повика инженерот Овен Морис за консултации во врска со новото вселенско летало „Орион“, кое на 5-ти декември 2014 година успешно орбитираше два пати околу Земјата (без екипаж) и повторно се врати на Земјата. Тој исто така беше директор и на програмата „Аполо“ и на програмата „Спејс Шатл“.

Што ве инспирира да влезете во светот на патувањата во вселената?

Уште додека бев дете ме интересираа нештата што летаат. Дипломирав воздухопловен инженеринг, аплицирав во НАСА и останав таму во текот на целата моја кариера.

На што работевте во НАСА?

За време на „Аполо“, кога го започнавме лунарниот модуларен проект, јас бев главен инженер. Подоцна, бев директор на целата програма за вселенското летало „Аполо“. Во програмата за „шатлот“ бев директор за интеграција и инженеринг на системите.

НАСА ве повика како консултант за нивното следно летало. Зошто Ве повикаа токму вас?

НАСА не разви ново големо возило по „шатлот“. Повеќето луѓе кои работеа на тој проект се пензионирани, па така оние што работат со „Орион“ нема со кого да се консултираат. За тоа се обидувам јас да помогнам.

Дали е важно тоа што НАСА нема скорешно искуство во дизајнирањето на вселенски брод?

Со алатките кои сега ги имаат, луѓето кои учествуваат во програмата „Орион“ се технички поспремни отколку што бевме ние во времето на „Аполо“. На пример, ги знаевме аеродинамичните равенки за „Аполо“, но не можевме да ги решиме во секој детал со компјутерите што тогаш ги имавме. Сега тие можат да го направат тоа.

Ниедно човечко суштество не ја напуштило ниската Земјина орбита повеќе од 40 години. Каде може да не однесе „Орион“?

Големата способност на „Орион“ и неговата ракета, ќе биде тоа што ќе ни овозможи повторно да правиме нешто во длабоката вселена. Добар е за патувања кои би траеле три недели, или приближно, во зависност од големината на екипажот или деталите на мисијата. Може да одиме до некој заробен астероид. Може да одиме до Марс, меѓутоа за тоа ќе ни биде потребен дополнителен модул за живеење, поради времетраењето на патувањето.

Кога би зависело од вас, каде би ги пратиле идните астронаутски мисии?

Тоа во моментов не се наоѓа во вселенската програма, но би сакал да поставам вселенска станица на далечната страна на Месечината. На таа локација нема радио пречки кои потекнуваат од Земјата, па е погодна за радио астрономија.

Кога ќе погледнете назад, кое е Вашето најживо сеќавање за време на Вашата кариера во НАСА?

Она што секогаш ми паѓа на ум е „Аполо 13“. Модулот со опрема експлодира на патот кон Месечината, па во основа лунарниот модул мораше да го издржи екипажот целиот пат до и околу Месечината. Моравме да го користиме да направи нешта кои никогаш претходно ги немаше направено. Бев во НАСА околу 85 часа. Тоа беше многу возбудливо време.

Дали би отишле во вселената, доколку го побараа тоа од Вас?

Да, но немав шанса за тоа. Сепак, за мене забавата е во тоа да бидеш дел од тимот кој ги дизајнира и развива возилата.

Интервјуто е објавено во списанието „New Scientist“, издание 2 декември 2014 г.

 

Поддржете ја нашата работа: