Кина го лансираше првиот квантен сателит

Кина во вторникот го лансираше првиот квантен сателит, со што е чекор поблиску до можноста за развој на телекомуникации кои не ќе можат да бидат пресретнати од хакерите.

Сателитот што беше лансиран од базата Јиукван лоцирана во сверозападниот дел од кинеската пустина Гоби, ќе им овозможи на кинеските истражувачи да испраќаат тест пораки помеѓу Пекинг и северозападните делови од Кина, како и на други локации ширум светот.

Доколку тестирањата бидат успешни, тоа ќе биде голем чекор напред кон изградба на светска мрежа што ќе може да испраќа пораки кои не можат да се прислушкуваат или да се „пробијат“ преку конвенционалните методи.

Квантните комуникации користат субатомски честички за обезбедување на комуникацијата помеѓу две точки. При обид да се хакира, пораката ја менува формата на начин кој го алармира испраќачот и предизвикува пораката да биде изменета или избришана.

Истражувачите од целиот свет успешно испраќаат квантни пораки и од копно, но вистинска сатиелитски базирана мрежа ќе овозможи моментално да се испраќаат брзо шифрирани пораки низ цел свет и отвара простор за други можни примени на оваа технологија.

Во последните години Кина посветува посебно внимание на сајбер заштитата и во таа насока се донесени законски регулативи со кои се ограничува технологијата што се увезува од САД, особено откако Едвард Сноуден обелодени дека САД вршат масовно надгледување преку употребата на американскиот хардвер.

Од друга страна пак, САД постојано ја обвинуваат Кина за хакерство во компјутерските системи, со цел кражба на комерцијални тајни и информации со кои можат да и наштетат на американската безбедност .Кина ги отфрла овие обвинувања и тврди дека е меѓу земјите кои се најголеми жртви на компјутерски криминал.

Квантните пораки можат да станат најголема одбрана против хакерството и да најдат голема примена, од војните и владините комуникации, па до он-лајн купувањето.

Главен предизвик ќе биде прецизната ориентација на сателитот до локација на Земјата од каде ќе можат да се испраќаат и да се примаат податоци, без да бидат нарушени од било какви промени во земјината атмосфера. Резултатите од кинеските тестирања ќе бидат набљудувани и од други истражувачки тимови, вели Александер Линг, главен истражувач во Центарот за квантни комуникации во Сингапур.

Ова лансирање е голем триумф за Кина, која со години работи на истражување на квантна технологија и развој на сателит, како и можностите за негова примена. Претходно Кина најави изградба на квантна врска помеѓу Пекинг и Шангај која ќе ја користат владините агенции и банките.

Како што вели шефот на проектот за државната агенција Ксинхуа, Кина веќе не е следбеник во информатичката технологија, туку „еден од водачите во идните информатички достигнувања“.

Поддржете ја нашата работа: