Како дел од припремите за создавање населби на Месечината до 2036 година, Кина направила „Лунарна палата“ на Земјата, во која се симулираат условите за живот на земјиниот сателит.
Според државната новинска агенција Ксинхуа, четири студенти-постдипломци (двајца мажи и две жени), од Институтот за астронаутски истражувања Бејханг во средата влегле во кабина со површина од 160 метри квадратни, наречена “Јуегонг 1“ или „Лунарна палата“. Студентите ќе тестираат како функционира системот за одржување на живот во услови какви што владеат на Месечината.
Во лабораторијата првично ќе останат 60 дена, по што ќе бидат заменети со друга група од четири студенти кои ќе останат 200 дена. Потоа, првата група пак ќе се врати и ќе остане 105 дена.
Во Биорегенеративниот систем за одржување на живот (Bioregenerative Life Support System -BLSS) човечкиот измет ќе се преработува преку процес на биоферментација, а нуспродуктите од отпадните материи ќе се користат за одгледување на екпериментални житарки и зеленчук.
Лабораторијата има два модули за одгледување растенија за исхрана –„оранжерии“ и стамбена кабина со површина од 42 метри квадратни. Во неа се наоѓаат четири оддели за спиење, заедничка просторија, бања, простор за преработка на отпадот и простор за одгледување на животни. Оранжериите се високи по 3,5 метри и со површина од 50 до 60 квадратни метри.
Овој експеримент, наречен „Јуегонг-365“ претставува второ обид на Бејханг да види како функционира Биорегенеративниот систем за одржување на живот во услови како на Месечината. Во 2014 година спроведено е успешно 105-дневно тестирање.
„BLSS“ е систем каде животните, растенијата и микроорганизмите коегзистираат. Водата и храната можат да се рециклираат во системот, создавајќи средина слична како на Земјата.