Кина планира да гради вселенски авион за вселенски туризам

Ни Кина не може да му одолее на вселенскиот туризам. Кинеска фирма поддржана од владата развива огромен вселенски авион, пишува „New Scientist“

Авионот би можел еден ден да носи 20 туристи до работ на вселената – многу повеќе од  она што денес го нудат компаниите кои ветуваат туристички летови во вселената.

Кинеската Академија за технологија на лансирни возила дизанирала едноставен, едноделен вселенски авион, кој може да се прилагоди за да прими повеќе луѓе, изјавил ракетниот научник Луи Хаикванг на Меѓународниот астронаутички конгрес во Гвадалахара, Мексико, минатата недела.

Кинеските научници дизајнирале ракета со крила која може да се подигне под дејство на  сопствената сила.

Според водачот на тимот, Хан Пенгксин, леталото ќе се подига вертикално како ракета и автоматски ќе слетува на писта, без никакви интервенции од земја или на самото летало. Ќе согорува течен метан и течен кислород.

Тимот на Хан дизајнирал две верзии од нивниот ракетен авион. Првиот тежи 10 тони, со распон на крилата од 6 метри. Тој би требало да носи 5 лица на височина од 100  километри – каде што официјално почнува вселената, со брзина од 6 Маха, овозможувајќи две минути бестежинска состојба.

Поголемата, 100-тонска верзија, со распон на крила од 12 метри, би можела да носи 20 лица на 130 километри височина, со брзина од 8 Маха, овозможувајќи 4 минути бестежинска состојба. Ова  летало достигнува доволна брзина за да може да однесе сателит во вселената со помош на мал ракетен додаток поставен одозгора на  леталото. Научниците планираат леталото да биде за повеќекратна употреба и да може да се користи и за до 50 лета.

unknown-2-800x533

chinaspaceplane

Тестирањата се во напредна фаза. Според Хан, тест летовите ќе бидат завршени во следните две години, бидејќи сите тестирања на земја се завршени и сите подсистеми на тестираното возило функционираат многу добро.

Замислено е полетувањата со товар да бидат од некој комерцијален космодром – чија локација сѐ уште не е одредена,  во 2020 година. Авионот ќе може да носи луѓе кога ќе се смета дека е безбедно.

Хан предвидува дека едно вакво возење ќе чини помеѓу 200.000 и 250.000 долари.

Кина ќе се соочи со голема конкуренција.  Меѓу големите имиња тука се „Virgin Galactic“, чијшто „SpaceShipTwo“ вселенски авион ќе понуди лет до вселената за шест лица и „XCOR“ со леталото „Lynx“, кое ќе носи еден патник што седи до пилотот, додека  субориталната капсула „New Shepard“ на „Blue Origin“ има за цел да носи шест туристи.

Но, Хан и колегите од  неговиот тим веруваат дека ќе има доволна заинтересираност од страна на клиентите за да се изгради летало со многу поголем капацитет. Тие додаваат дека проектот е „многу атрактивен“ за шефови и „бизнисмени“.

Поддржете ја нашата работа: