Кина објави нови детали за својата мисија за истражување на Марс, според кои има намера да испрати вселенско летало без човечки екипаж во 2020 година. Леталото ќе се состои од три компоненти: орбитер, лендер и ровер.
„Сакаме истовремено да орбитираме, да слетаме и да го истражиме Марс, што е многу тешко да се постигне со само една мисија“, изјави директорот на Националната вселенска администрација на Кина.
Целта на оваа мисија е да се проучи атмосферата и почвата на Марс, со анализа на почвата и барање на какви било траги од вода. Само откако ќе ја заврши оваа мисија, Кина ќе може да каже дека навистина започнала да ја истражува длабоката вселена, истакнува директорот.
Досега многубројни мисии испраќаа вселенски летала на Марс, но само НАСА успеа успешно да слета на планетата со својот ровер „Curiosity“.
Иако Кина не е првата азиска држава која ќе испрати сонда на Марс (Индија е првата азиска држава која во 2014 година успешно ја достигна орбитата на Марс), Кинезите сакаат да почнат од повисоко нив и се прилично самоуверени со оглед на фактот дека имаат 4 години за да го исполнат ова.
Покрај тоа, неодамна Кина објави дека ќе ја истражува и темната страна на Месечината, со сондата која се очекува да биде лансирана во 2018 година.
И покрај тоа што досегашните мисии на Кина се гледаат само како повторување на оние што пред нив ги постигнаа Русија и САД, со брзиот раст на кинеската вселенска програма јасно се покажува дека нацијата е подготвена за сериозни сопствени достигнувања.