Новото видео тврди дека кинеските научници успеале да создадат прототип на невозможен мотор кој нема потреба од гориво. Станува збор за концепт мотор со име Ем Погон, кој е спротивен на познатите закони на физиката, но ако тоа е вистина, оваа направа може да ги однесе луѓето на Марс за само десет недели.
Во видеото се тврди дека кинеските научници успешно развиле ЕмПогон, и дека наскоро ќе го испратат во вселената, иако не се наведуваат никакви технички спецификации за уредот.
ЕмПогон е мотор на кој не му е потребно гориво. Наместо тоа, користи микробранови кои ги собира од сончева енергија, кои се судираат во посебен контејнер.
Без гориво кое ќе се исфрла наназад додека се движи напред, ЕмПогон го поништи третиот Њутнов закон, кој вели дека за секоја акција мора да постои еднаква и спротивна реакција.
Иако западните експерти тврдат дека шансите за кинескиот мотор да помине детална проверка се скоро никакви, постојат други научници кои веруваат во ова. Имено, научниците од лабораторијата Eagleworks на НАСА, извеле серија успешни тестови кои се објавени во списанието Journal of Propulsion and Power.
Со оглед на тоа дека сеуште не постои убедливо докажано физичко објаснување за резултатот, експертите велат дека е возможно сето ова да биде експериментална грешка.
“Јас лично верувам дека постои поедноставно објаснување на овие резултати. На пример, електричната енергија ги загрева компонентите внатре во уредот, кои потоа се прошируваат за време на експериментот, со што се создава движење кое може да се толкува како сила”, вели Брајс Касенти, специјалист за напредни погони.
“Исклучително е тешко да се отстранат ваквите елементи, иако авторите на статијата се обидоа да ги отстранат не само термичките ефекти, туку и многу други можни извори на грешки во експериментот“, додава тој.
Касенти смета дека е исклучително тешко да се биде сигурен дека сите извори на грешки се елиминирани и дека ова може да се докаже само преку независни тестови на хипотеза, но ако резултатите за ЕмПогонот се покажат како валидни, тоа достигнување ќе создаде “нова физика”.