Научниците открија дека кислородот (многу) полека истекува од атмосферата на Земјата и засега не знаат зошто е тоа така.
Со анализа на воздушни меурчиња заробени во мразот на Гренланд и Антарктикот, научниците од Универзитетот Принстон откриле дека нивото на кислород се намалило за 0,7% во последниве 800.000 години. Доколку откријат зошто се случило тоа можеби би можеле да ја предвидат иднината на нашата планета.
Но, тоа нема да биде лесно, со оглед на тоа дека кислородот на нашата планета постојано е рециклиран од луѓето, животните, растенијата, па дури и силикатните карпи. Во моментов, од примероците на мраз можеме најдобро да одредиме колку кислород е присутен.
Што се однесува на екосистемите на Земјата, ова намалување на кислородот е само тривијално, но може да ни открие нешто повеќе за тоа што ја прави една планета погодна за живот.
Во првите неколку милијарди години од својот живот, атмосферата на Земјата воопшто немала кислород. Научниците сметаат дека развојот на малите алги наречени цијанобактерии предизвикал брз пораст на нивото на кислород, и последователно животни кои можат да го вдишуваат.
Денес, околу 21% од воздухот кој го дишеме е составен од кислород, заедно со азот, аргон и јаглероден диоксид. Иако неговото влијание на атмосферата не е толку големо како на јаглеродниот диоксид, сепак влијае на износот на сончева светлина која достигнува до земјата и постојат докази дека промената на нивото на кислород влијаела на климата на Земјата и во минатото.
Стапката на опаѓање на кислородот е толку мала што засега нема потреба за загриженост, но научниците предупредуваат дека во последните 200 години од почетокот на индустриската револуција ние конзумираме кислород, а согоруваме јаглерод илјада пати побрзо од порано, што е уште еден показател на нашата колективна способност да го правиме она што (природно) се случува на Земјата, многу побрзо.
Истражувањето е објавено во „Science“.