Климатски промени: каде би живееле ако не на Земјата?

Секојдневно се среќаваме со последиците од глобалното затоплување: временски непогоди, суши, пожари, поплави, топење на глечерите итн. Научниците веќе ја прогласија изминатата 2015 г. за најтопла година досега. И додека упорно се обидуваме да ја покренеме свеста на луѓето, некои научници сметаат дека веќе е доцна за да се поправат ефектите од климатските промени и дека е само прашање на време кога Земјата ќе стане непогодна за живот.

Неодамна, филмот „Интерстелар“ го покрена прашањето дека можеби еден ден ќе треба да избегаме од планетава што умира. Од аспект на астрофизиката и научната фанстастика тоа изгледа интересно и возбудливо, но дали е практично, или воопшто возможно? Или пак, можеби постои подобро решение?

Научната фантастика има создадено одредена слика за патувањата во вселената во популарната култура. Истражувањето на вселената во филмовите најчесто е прикажано како човечки екипаж во „high-tech“ бродови патува низ галаксијата пронаоѓајќи нови светови и за сето тоа известуваат назад на Земјата.

Колку всушност овие идеи го претставуваат она што навистина би можеле да го постигнеме во наредните неколку стотици години? Законите на физиката и принципите на инженерството ќе ни помогнат да го одговориме ова прашање.

anotherearth-still1Природата ни дала ограничување на брзината. Тоа го нарекуваме – брзина на светлината (околу 300.000 км/сек.), бидејќи за прв пат е забележана при проучувањето на својствата на светлината. Па, ако на светлината и е потребна една година за да отиде некаде, не е возможно ние да стигнеме таму побрзо.

Потоа, тука е и фактот дека универзумот е голем, навистина голем. Потребни се околу 8 минути за светлината да дојде до Сонцето, 3 години до наредната најблиска ѕвезда, 27.000 години до центарот на нашата галаксија и повеќе од 2 милиони години до наредната галаксија. Неверојатно е тоа што, што се однесува до универзумот, овие далечини се наоѓаат во соседството.

Астробиолозите велат дека нашата галаксија има и други светови погодни за живот, во просек најмалку 1 на 10 илјади ѕвезди, а најмногу 1 на секои 10. Дури и да е тоа така, со оглед на огромните растојанија помеѓу ѕвездите и малите брзини на реалните вселенски летала ќе биде потребно долго време за истражување на вселената. Зборуваме за векови, па дури и милениуми.

Најновата научна фантастика зборува за т.н. „worm holes“ односно црвоточини, или пак „warping space“ односно превиткување на просторот, кои ја превиткуваат четири-димензионалната структура на просторот и времето за да направат „скратен пат“ помеѓу две просторно оддалечени локации во универзумот.

Ваквите можности се анализирани со помош на некои математички правила и утврдено е дека тоа не е возможно, освен ако не откриеме некоја форма на материја што се однесува поинаку од се што досега ни е познато.

exoplanets-many-habitable-worldsЗначи, невозможно е доволно брзо да ја истражиме вселената и да најдеме друга планета погодна за живот. Покрај тоа, постои и уште еден проблем. Според астробиолозите, планета погодна за живот значи планета со вода која орбитира околу ѕвезда слична на Сонцето. Но, за да биде погодна за живот на луѓето, потребно е многу повеќе од само вода. Шансите дека луѓето едноставно ќе „излезат“ и населат таков свет се многу мали. Сепак, атмосферата и екосистемот на Земјата се резултат на сопствената уникатна историја, која малку е веројатно дека случајно ќе се повтори на некоја друга планета. Напротив, големи се шансите тој нов свет да претставува токсична средина или пак средина во која човекот не би можел да дише. Модифицирањето на еден таков свет, за да биде погоден за живот на луѓето, би значело целосна реконструкција на неговата атмосфера и биосфера, притоа искоренувајќи го секој веќепостоечки екосистем.

Можеби подобро решение би било, наместо да бараме нов дом, да си изградиме. И тоа од вселенските бродови! Од економска гледна точка, ова би било поефикасно во однос на ресурсите, отколку преправањето на цели планети. Истражувачи спонзорирани од НАСА веќе развиле детални планови за живеалишта направени од материјал кој може да се ископа од астероидите. Ваквиот начин на изградба би избегнал еден од главните трошоци при вселенската колонизација, а тоа се трошоците за пренесувањето на милиони тони градежен материјал во вселената. Со оглед на тоа што нашиот сончев систем има милиони такви астероиди, би можеле да изградиме живеалишта за популација многу поголема од оваа на Земјата.

Па, ако Земјата некогаш стане непогодна за живот, нема да имаме потреба да ги истражуваме ѕвездите. Со оглед на хипер-брзиот равој кој го видовме кај автомобилите и компјутерите на пример, а сега го гледаме кај вселенската технологија, голема е веројатноста во блиска иднина да бидеме сведоци на живеалишта во орбитата дизајнирани за нашиот начин на живот со помош на ресурси од Сонцето, Земјата и астероидите.

Веќе сме сведоци на комерцијализацијата на патувањата во вселената. Тоа значително ќе ја намали цената на истите, што значи дека вселената ќе станува достапна за се’ повеќе и повеќе луѓе.

Па, каде ќе одиме? И дали навистина ни требаат други ѕвезди?

Climate-ChangeДа бидеме реални, и покрај сегашните проблеми, Земјата сепак се наоѓа најблиску до „идеалната состојба“ во која нашиот вид израснал и во која би можел да живее, отколку кој било свет што би можеле да го откриеме.

Затоа, би било убаво патувањата во вселената и откривањето на нови светови да ги препуштиме на желбата и интелектуалниот импулс за истражување и откривање на нешто ново, наместо да ги гледаме како „спас“ за човештвото. Да се сконцентрираме на нашиот свет, бидејќи засега, само тој го имаме. И самите си го уништуваме.

Затоа, информирајте се за климатските промени и нивниот ефект! Штедете ја електричната енергија, користете велосипеди како превозно средство, посадете дрвја, едноставно, преземете нешто! Не е доцна за нашата планета, не е доцна за нас!

Поддржете ја нашата работа: