Климатските промени ќе донесат епидемии

Забележана е појава на нови болести предизвикани од инфективни агенси (вируси, бактерии, паразити) кои досега биле непознати или се промениле, особено поради промената на климата (промена на домаќинот, преносителот, патогеноста или силата). Тука спаѓаат лајшманиозата, западно-нилската треска и сл. Според СЗО, овие болести предизвикуваат една третина од смртните случаи во светот, а земјите во развој се на првото место.

Неколку параметри стојат позади ширењето на овие патогени и нивните домаќини. Климатските промени ја модифицираат температурата и нивото на влажност во природните средини и притоа ја менуваат динамиката на преносот на инфективните агенси. Исто така влијаат и на опсегот, изобилството, однесувањето, биолошките циклуси и карактеристиките на животот на микробите, притоа менувајќи ја рамнотежата помеѓу патогените и преносителите.

Сепак, тешко е да се објаснат овие ефекти и да се воспостави директна поврзаност на климатските промени и еволуцијата на болестите бидејќи е потребно разбирање на долгорочните просторни и временски промени на оваа појава.

Појаснувајќи го ова прашање за прв пат, истражувачите од францускиот истражувачки Институт за развој (IRD),  во своето истражување ја покажале врската, во период од 40 години, помеѓу климатските промени и епидемијата на болеста –чир Бурили– која се појавила во Латино Америка. Промената на површинските температури на Тихиот Океан предизвикува суша која ја погодува Централна и Јужна Америка приближно на секои пет до седум години. Истражувачите ја споредувале промената на врнежите во тој регион со бројот на заболени од тој чир.

Намалувањето на врнежите доведувало до зголемување на областите со застоена вода, односно мочуриштата, каде што се размножува бактеријата – „Mycobacterium ulcerans“, која ја предизвикува оваа болест. Така човекот преку рибарењето, ловењето и сл. е изложен на оваа бактерија.

Со оглед на состојбата на дожд во последниве години, истражувачите стравуваат од потенцијалната појава на нова епидемија на чирот Бурили во тој регион.

Спротивно на веќе прифатената идеја, опаѓањето на нивото на дожд не значи и опаѓање на појавата на инфективни болести, како што всушност и покажува ова истражување. Климатските промени се’ повеќе влијаат и на нашето здравје.

Поддржете ја нашата работа: