Речиси две илјади години пред древните Египќани да почнат да ги мумифицираат фараоните, група на ловци-собирачи, наречени “Chinchorro“, кои живееле покрај брегот на денешно Чиле и Перу, развиле методи за да ги мумифицираат сите членови на заедницата – мажи, жени, деца, па дури и неродени фетуси. Радиојаглеродното датирање од 5050 година п.н.е. ги прави овие мумии најстарите мумии во светот направени од човекот.
Речиси 120 “Chinchorro“ мумии се сместени во колекцијата на археолошкиот музеј во Африка, Чиле. Иако извонредно добро сочувани со милениуми, во текот на последната деценија, научниците забележале дека многу од нив започнале брзо да се распаѓаат. Во некои случаи, мумиите буквално се претвориле во црна тиња.
За да ја открие причината и да го запре влошувањето, Марсела Сепулведа, реставратор од Чиле се обратила на Ралф Мичел, научник од Харвард кој бил познат по решавањето на мистерии околу артефактите кои се дел од културното наследство.
„Подготовката за мумифицирање е сложен и долг процес“, вели Сепулведа. „Најпрво ги отстранувале органите и мозокот, потоа го реконструирале телото со синтетички влакна, ја полнеле черепната празнина со слама или пепел и користеле трска за да ја зашијат повторно, поврзувајќи ја вилицата со черепот. Со помош на стап го одржувале ’рбетот исправен. Понекогаш користеле кожа од морски лавови или други животни за да ја „поправат“ кожата на телото. На крајот, го премачкувале телото со паста, со различна боја во зависност од епохата, во периодот од 3000 години на мумифицирање. Според археолозите, црната боја, направена од манган, била користена кај најстарите примероци; црвената, направена од окер, кај подоцнежните; и кафената кал била користена кај нараните откриени примероци.
Рафл Мичел анализирал примероци од кожата која се распаѓала, како и од неоштетената кожа. Открил дека распаѓањето е микробиолошко и требало да утврди дали на кожата на мумијата има микробиом одговорен за тоа. Но бидејќи имал ограничен износ на кожа, користел кожа од свиња за лабораториските истражувања.
По низа на тестови, примероците од кожа започнале да се распаѓаат по 21 ден изложеност на висока влажност. Потоа истите тестови биле направени на кожата од мимијата и се потврдило дека влажноста го предизвикува оштетувањето. Ова откритие се совпаднало со моменталното зголемено ниво на влажност во Африка, каде што се наоѓа археолошкиот музеј. Анализите сугерираат дека идеалната влажност за мумиите во музејот е помеѓу 40 и 60%. Потребни се понатамошни тестирања за да се открие влијанието на температурата и светлината.
Со помош на овие откритија научниците подобро ќе ги контролираат условите во музејот за да ги заштитат мумиите. Но, сепак, оние мумии кои се’ уште се наоѓаат под песочната површина во истиот регион (а ги има многу) и често се откриваат при градежни проекти, остануваат изложени на катастрофалните ефекти на климатските промени.
Енаука.мк (реобјавена статија)