Кои се најголемите скептици за климатските промени?

Но, кога се работи за тоа кои се најголемите скептици за климатските промени, веројатно многумина би помислиле дека тоа се САД  – со оглед на тоа дека таму се најголемите критичари на науката за климатсите промени, конзервативните телевизии и радио емисии, како и политичари кои сметаат дека сето тоа е измама.

Но, едно истражување направено од Универзитетот во Тасманија, што беше објавено во „Global Environmental Change“, покажува дека први на листата сепак не се САД, туку Австралија.

Според наодите на истражувачите, 17% од Австралијците биле „скептични во врска со климатските промени“. Потоа следи Норвешка со 15%, Нов Зеланд со 13%, па дури потоа САД со 12%. На петто место е Велика Британија, заедно со Шведска и Финска со 10%, додека најниско на листата се наоѓа Шпанија, каде само 2% од населението може да се класифицираат како скептици по ова прашање.

Авторите на истражувањето ги користеле податоците од две анкети спроведени во 14 индустриски развиени земји, во текот на 2010 и 2011 година.

Учесниците во анкетите не биле директно прашани дали ги прифаќаат научните докази дека климатските промени се поврзани  со човечките активности, туку требало да одговорат колку опасно за околината би било покачувањето на температурата.

Испитаниците кои одговориле дека покачувњето на температурата „не е многу опасно“ или „воопшто не е опасно“ и кои сметале дека тврдењата околу животната средина се претерани, биле класифицирани како „скептици“. Истражувачите исто така се обиделе да ја тестираат идејата дека оние кои се скептични во врска со тврдењата за климатските промени не се загрижени за животната средина, но не нашле позначајна поврзаност.

Истражувањето, генерално, покажало дека скептиците немаат доверба во владите, но имаат „позитивен однос“ кон приватната иницијатива, како и дека поголем број од скептиците се мажи.

Поддржете ја нашата работа: