Сите ние имаме сексуални фантазии, а сепак многумина сметаат дека се едни од ретките кои ги имаат. Научниците спроведоа анкета на интернет и направија листа на најпопуларните сексуални фантазии, според која некои се толку чести што ги класифицираат како „типични“ (како на пр. оралниот секс). Љубопитни сте да видите каде сте вие на листата?
Целта на анкетата е да се утврди кои сексуални фантазии се ретки, необични, чести или типични од статистичка гледна точка, како и статистички да се споредат природата и интензитетот на сексуалните фантазии кај мажите и жените.
Анкетата била спроведена на 1.516 возрасни (799 жени, 717 мажи) од Квебек, Канада. Тие оценувале 55 различни сексуални фантазии и ја навеле својата омилена. Потоа, според добиените податоци, научниците ја рангирале секоја сексуална фантазија како ретка (со 2,3% или помалку), невообичаена (со 15,9% или помалку), честа (со 50%) и типична (со повеќе од 84%).
Само две сексуални фантазии биле ретки и за мажите и за жените, додека девет биле невообичаени (како на пр. носење на облека од спротивниот пол или уринирање на партнерот). Триесет сексуални фантазии биле чести и за двата пола, а само пет биле типични. И мажите и жените сакаат романтични чувства за време на сексот, меѓутоа жените фантазираат повеќе и за романтични места како на пр. напуштена плажа, додека момчињата за орален секс или секс со две жени. Фантазиите со потчинетост и доминација не само што биле чести и кај мажите и кај жените, туку биле и меѓусебно поврзани.
Некои фантазии кои се сметаат за невообичаени и чудни, се всушност доста чести. Затоа научниците заклучуваат дека треба да се внимава пред да се означат како такви или пак уште полошо, како девијантни. „Фокусот повеќе треба да биде на ефектот на сексуалната фантазија, отколку на содржината“.
Сметаме дека добро би било да се направи едно компаративно истражување и кај нас со цел да се утврди дали и во која мерка овие резултати ќе се повторат.