Кој бил добитникот на првата Нобелова награда?

Со оглед на тоа што се ближи сезоната на Нобелови награди и со нетрпение очекуваме да видиме дали научниците кои стојат позади откривањето на гравитационите бранови ќе ја добијат, неизбежно е да се запрашаме кога и за што била доделена првата Нобелова награда?

Во 1901 година, кралот на Шведска му доделил Нобелова награда за физика на Вилхелм Рентген, за откривањето на еден нов мистериозен вид на зрачење (радијација), односно за откривањето на Х-зраците во 1895 година, кои подоцна во негова чест се наречени рендгенски зраци.

Како што се објаснува во видеото подолу, на крајот на 19-тиот век, опсесијата на општеството со магија била заменета со сите нешта што биле електрични и магнетни. Еден од најинтригантните нови концепти во тоа време бил катодниот зрак, кој формирал зраци од електрони во вакуум кои можат да се пренасочат со магнети.

Рентген бил фасциниран од овие мали зраци на енергија, па решил малку да си поигра со нив и поставил вакуум цевки кои содржеле катодни зраци во затворена кутија и го исклучил светлото за да види што ќе се случи.

На негово изненадување, некој вид на енергија излегувал од кутијата и го осветлувал флуоросцентниот екран од картон кој се наоѓал позади кутијата. Тој всушност открил нов вид на радијација којашто може да поминува низ објекти. Со оглед на тоа што не знаел за какви зраци се работи, ги нарекол Х-зраци.

Рентген и неговата сопруга Ана потоа ги тестирале овие зраци низ разни видови на материјали и откриле дека не можат да патуваат низ секој вид на материја, како на пример не можат да патуваат низ коските.

Но зошто? И како воопшто се добиле Х-зраци од експериментот со катодни зраци на Рентген?

Катодните зраци се високо-енергетски зраци на електрони заробени во вакуум запечатен со стакло. Кога електроните ќе се удрат од стаклото, ги возбудуваат атомите и предизвикуваат тие да ослободат честички на светлина, познати како фотони.

Рентген не го знаел ова во тоа време, но фотоните доаѓаат во различни бранови должини кои ја рефлектираат нивната енергија. Сините фотони на пример, се речиси двојно поенергични од црвените фотони. Ако доволно се зголеми напонот на катодните зраци, електроните ќе се удрат од стаклото со толку голема енергија што ќе ослободат уште поенергични фотони – Х-зраци.

Најверојатно веќе сте прилично запознаени со начинот на кој ги користиме Х-зраците во медицината денес, но од нивното откривање во 1895 година, Х-зраците исто така се користеле за да се открие двојната структура на ДНК и структурата на кристалите.

Погледнете го видеото за да дознаете нешто повеќе за тоа како експериментот на Рентген го променил светот во 1895 година и колку навистина се неверојатни овие зраци.

И мора да ја признаеме дека Рентген си ја добил Нобеловата награда сосема заслужено!

Поддржете ја нашата работа: