Недоволното количество на сон предизвикува стрес на организмот, прави да се чувствуваме лошо и загрижени. Затоа не треба да не зачудува фактот дека колку добро спиеме влијае на нашто физичко и ментално здравје. Проблемите со спиењето, како несоницата, се симптом на многу ментални болести меѓу кои анксиозноста, депресијата, шизофренијата, биполарното растројство и хиперкинетичкото растројство.
Релацијата помеѓу несоницата и менталните болести е двонасочна: околу 50% од возрасните кои патат од несоница имаат проблеми со менталното здравје, додека до 90% од возрасните со депресија имаат проблеми со спиењето.
Проблемите со спиењето исто така го успоруваат опоравувањето од менталните болести. Луѓето со депресија, кои континуирано патат од несоница, на пример, помалку реагираат на третманите за депресија. Кај нив е исто така поголем ризикот од повторно враќање на болеста.
Не е сосема јасно како несоницата доведува до развој на ментално растројство. Сепак, научниците сугерираат дека несоницата може да делува на нашата способност да ги обработиме негативните емоции.
Едно истражување покажало дека луѓето кои имаат проблеми со спиењето реагираат поемоционално на непријатните слики, отколку на сликите со пријатна или неутрална содржина.
Во едно друго истражување, снимките на мозокот на лица кои патат од несоница покажале поголема мозочна активност во деловите кои ги обработуваат емоциите, кога тие користеле стратегија за намалување на нивната негативна реакција на сликите, отколку кога не користеле таква стратегија.
Тоа укажува дека несоницата ја отежнува соодветната реакција на негативните емоции. Ова може да ја влоши состојбата со пореметеното спиење и да ја зголеми можноста од појава на депресија.
Исто така постојат одредени докази дека менталните заболувања може да произлегуваат од проблемите во мозочните невронски мрежи кои се преклопуваат со тие кои го регулираат биолошкиот часовник на телото.
Терапија на менталните заболувања и несоницата
Терапијата на менталните заболувања ќе доведе намалување на проблемите со спиењето, особено кај болестите со благо изразени симптоми.
Но, несоницата има тенденција да остане, доколку не се третира директно. Едно истражување покажало дека кај 51% од лицата кои со помош на третмани ја надминале депресијата, несоницата и понатаму била присутна.
Истражувањата сега се фокусирани на тоа дали третирањето на несоницата ќе доведе до подобрување на менталната состојба кај лицата со ментални заболувања, како што се депресијата и анксиозноста.
Има некои докази дека лекарствата и психијатриските третмани (преку когнитивно-бихевиорална терапија) доведуваат до подобрување на симптомите кај менталните болести.
Може ли менталните болести да се спречат преку лекување на несоницата?
Едно неодамнешно истражување направено во Австралија, со кое биле опфатени 1149 лица, покажло дека со терапијата на несоницата се намалуваат и симптомите на депресијата.
Кај лицата кои ја завршиле интервенцијата базирана на когнитивно-бихевиорална терапија, забележена била поретка појава на симптомите на депресија, во однос на лицата на кои им биле дадени здравствени информации без соодветен третман за несоница.
Текстот е објавен во „The Conversation“.