Истражувачите долго време се прашуваат дали постои граница до која можат да се складираат сеќавањата и како успеваме да не ги помешаме настаните кои се многу слични.
За таа цел, истражувачите ја тестирале меморијата на седум лабораториски стаорци. Тие биле пуштени слободно да се движат во 11 различни, но многу слични соби во период од два дена. Стаорците биле во потрага по чоколадни трошки кои биле истурени во собите. За тоа време, истражувачите ги снимале активностите на CA3 клетките од хипокампусот кај стаорците.
Истражувачите откриле дека иако собите биле многу слични, стаорците успеале да создадат независна меморија или мапа за секое опкружување посебно. CA3 клетките, што истражувачите ги снимале, продолжиле да формираат уникатни претстави за секоја средина. Овие шеми потоа биле складирани во „меморијата“ на стаорците, па кога тие повторно влегувале во истата просторија, „просторните мапи“ што се создале првиот пат биле реактивирани.
„Сакавме да видиме дали сеќавањата ќе се преклопат кај некои соби, но сите сеќавања беа независни едни од други. Ова укажува на тоа дека мозокот има огромен капацитет за складирање. Способноста да создава уникатно сеќавање или мапа за секоја локација, објаснува како ние успеваме да направиме разлика помеѓу многу слични сеќавања и како мозокот нѐ спречува да ги помешеме настаните“, велат истражувачите.
Овие наоди, исто така, помагаат да се објасни зошто функционира меморискиот трик што се нарекува „метод локи“ (method of loci). Оваа техника вклучува создавање на врска помеѓу работите што сакате да ги запаметите и местата кои добро ги познавате. Со поврзување на посебните сеќавања со различни соби во вашата куќа на пример, ќе можете полесно да се сетите што треба да запомните, со тоа што „ментално“ ќе прошетате низ вашата куќа и ќе влезете во секоја соба.
„Истражувањето покажува декај стаорците (а најверојатно и луѓето) имаат мапа за секое посебно место, а тоа е причината зошто функционира „методот локи“, велат истражувачите. „Секое место (или соба во вашата куќа) е претставено со посебна мапа или сеќавање, а бидејќи имаме многу такви различни мапи, можеме да запомниме многу слични места без да ги помешаме.“
Истражувањето е направено од Универзитетот за наука и технологија во Норвешка –NTNU и е објавено во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.