На повеќето од нас им е познато дека температурите во вселената се екстремно студени, но колку точно изнесува температурата во вселената? Тешко е да се сумира одговорот на ова прашање бидејќи температурата варира во различните области.
Така, иако вселената е составена од разни планети и ѕвезди, кои достигнуваат температури над илјада (понекогаш и милион) степени, поголемиот дел од неа е само празен простор – просторот меѓу планетите, ѕвездите, астероидите и сл. Во овој празен простор температурата е најстудена и според научниците во некои области достигнува апсолутна нула. Апсолутната нула е најстудената можна температура чија вредност изнесува -273,15 степени Целзиусови, или едноставно 0 Келвини. Теоретски на оваа температура запира секоја активност, односно молекулите, атомите и електроните престануваат да се движат.
Па, доколку би поставиле термометар во вселената, температурата би била некаде помеѓу овие две крајности, во зависност од положбата на Сонцето. Да ја земеме за пример Меѓународната вселенска станица каде што температурата на едната страна од станицата која е изложена на сонце може да достигне 121 сепен Целзиусов, додека другата неосветлена страна неверојатни -157 степени Целзиусови.
Во основа, температурата е мерка за топлината или студенилото на едно тело. Топлината, од друга страна, е вкупната кинетичка енергија од молекулите на телото.
Но, во вселената, материјата е премногу ретка за да може да загрее нешто – таа може да достигне густина од само 1 атом на кубен метар, за разлика од атмосферата на Земјата која има огромен број атоми на кубен метар. Тоа значи дека нема доволно честички кои меѓусебно би се судриле и би ја пренеле топлината на некој објект.
Па, тоа значи дека единствениот механизам за размена на топлина во вселената е зрачењето, односно испуштањето на топлината. Сите објекти што се наоѓаат во вселената (скриени од Сонцето) ќе ја испуштат својата топлина и ќе достигнат температура од -270,42 степени Целзиусови ( 2,73 Келвини) – или температурата на космичкото микробраново позадинско зрачење.
Космичкото микробраново позадинско зрачење се верува дека е остаток од најмоќната експлозија во историјата – Биг Бенг, кое се’ уште се наоѓа во просторот, дури и после 13,8 милијарди години. Така, тоа зрачење создава универзална просечна температура во вселената од -270,42 степени Целзиусови.