Колку домашно е доволно за успех на учениците?

Еден час дневно е оптимално и резултира со најмногу знаење, секако под услов да ја работат самостојно и редовно, според истражување објавено од Американската психолошка асоцијација.

Методологија на истражувањето

Истражувачите од Универзитетот во Овиедо во Шпанија анализирале ученици од 7725 државни, субвенционирани и приватни училишта во северна Шпанија. Просечната возраст на учениците била 13.78. 47,2% од примерокот биле девојчиња, 52,8% момчиња.

На студентите им биле задавани прашалници за тоа колку често пишуваат домашна работа, колку време посветуваат на различни теми, дали ја работат сами или со помош. Академските перформанси по математика и природни науки биле мерени со стандардизиран тест. Контролирани биле варијаблите пол и социоекономски статус. За проверка на предзнаењата користени биле претходните оцени.

Истражувачите откриле дека учениците трошат во просек помеѓу еден и два часа дневно за домашната задача по сите предмети. Студентите чиј наставник систематски им дава домашно, имале 50 поени повеќе на стандардизираниот тест. Учениците кои работат сами имале 54 поени повеќе од оние кои барале честа или постојана помош. Наодите биле слични и за математика и за природни науки.

Резултати

Резултатите покажуваат дека не е неопходно да се доделат огромни количества на домашна задача, но важно е задачите да бидат систематски и редовни, со цел да се стекнат работни навики и промоција на независно, само-регулирачко учење. 60 минути дневно се разумно и ефективно време.

Што се однесува до наставниците, вкупниот износ на домашни задачи од нивна страна е малку повеќе од 70 минути дневно, во просек, откриваат истражувачите. Некои наставници даваат од 90-100 минути домашна задача дневно, но откриено е дека резултатите на учениците во тој случај почнуваат да опаѓаат. Иако и во тој случај се забележани бенефити, тие се премногу мали во однос на вложеното време. Од таа причина, давање на повеќе од 70 минути на домашна задача дневно се чини дека не е многу ефективно.

Уште еден спореден заклучок од истражувањето, земајќи ги во обѕир учениците кои работат сами и оние на кои им треба помош, е дека само-регулирачкото учење е силно поврзано со академскиот успех.

Како што веќе споменавме, заклучокот од ова обемно истражување, без двоумење гласи „Квалитетот е поважен од квантитетот“ кога станува збор за образованието.

Поддржете ја нашата работа: