Колку е опасна емоцијата на понижувањето?

Кога некој ќе ви каже дека не сте во право, и вие навистина не сте во право, тоа можеби ќе ви ги отвори очите, но не мора да значи дека ќе ве направи среќни.

Иако, можеби не сте тип на човек кој секогаш сака да го има последниот збор, може да го почувствувате „убодот“ кога некој друг посочува на вашите грешки. Болката може да биде особено голема ако сето тоа се случува пред „публика“ и може да се почувствувате засрамено или понижено.

Дури и нашите најблиски пријатели или партнери знаат да бидат сурови и нечувствителни кога се соочуваат со нашите грешки, па со задоволство ги посочуваат изговарајќи некој тежок збор или пак извикуваат: „Ти реков“! Во зависност од „дебелината на образот“ можеби веднаш ќе ја заборавите целата ситуација, но поверојатно е дека ќе се повлечете и ќе посакате да „потонете во земјата“.

Културата, исто така, игра голема улога во одредувањето на реакциите на луѓето на понижување. Во некои општества, најбитно е да се зачува образот. Меѓутоа, ако не сте во право не значи дека секогаш ќе бидете понижени. Некои од вашите пријатели или роднини тактички ќе ви укажат на грешката, во некој момент кога ќе нема никој друг во близина, а можеби и ќе ви дадат по некој совет за да не се засрамите во иднина.

Значи, ако ве коригираат не секогаш значи дека ве понижуваат. Меѓутоа, ако ве коригираат на начин кој предизвикува да почувствувате срам, јасно е дека нема да се чувствувате убаво. Сепак, земено во крајност, понижувањето е основна тактика на насилниците и на затворските чувари, особено за да ја импресионираат „публиката“.

Понижувањето се дефинира како емоција која ја чувствувате кога вашиот статус ќе се намали пред другите. Се разбира, тоа е многу негативна емоционална состојба, која изненадувачки ретко се проучува во областа на психологијата, за разлика од другите негативни емоции како лутината, вознемиреноста, љубомората и стравот. Можеби тоа е така бидејќи, иако е непријатна, се смета дека нема некои сериозни последици.

Психолозите Март Отен и Каи Џонас од Универзитетот во Амстердам сметале дека вреди да се истражуваат потенцијалните ефекти на понижувањето и за таа цел направиле едно истражување при што учесниците биле изложени на различни сценарија, а психолозите го набљудувале нивниот мозок. Потоа ги споредиле снимките од мозокот на учесниците кои биле наведени да се чувствуваат лути, среќни или понижени. Резултатите покажале дека реакциите на учесниците на понижувањето биле понегативни отколку на лутината и поинтензивни отколку на среќата.

Од ова истражување, можеме да забележиме дека мозокот не сака да биде понижен. Не само што се чувствувате лошо, туку и степенот до кој вашиот мозок се активира е поизразен од која било друга емоција.

Ако вие сте тој што понижува некој друг, тогаш предизвикувате многу повеќе болка отколку што мислите. Постојат и други начини на укажување на грешките кои ја зачувуваат самопочитта на поединецот. Сепак, доколку тоа ви се случи и на вас, како би се чувствувале!?

Хамлет рекол: „ Нема ништо добро или лошо, но размислувањето го прави такво“. Значи, начинот на кој се чувствувате произлегува од начинот на кој размислувате, па токму на овој начин и треба да се справите со чувството на пониженост. Можеби на овој начин и ќе ја избегнете интензивната болка од оваа негативна емоција.

Поддржете ја нашата работа: