Информираноста и познавањето на фактите, разбирањето на ризикот и побезбедното однесување можат да помогнат да се избегне инфекцијата или да се спречи пренесувањето на истата, па затоа многу земји преземаат различни активности за да ја постигнат таа цел.
Во денешно време, благодарение на напредокот во ефикасноста и достапноста на антиретровирусната терапија, оние со ХИВ имаат шанса за исполнет и продуктивен живот, особено ако се дијагностицира рано.
Меѓутоа, и покрај големиот напредок во последниве години, и намалувањето на бројот на смртни случаи, заканата од ХИВ/СИДА е се’ уште голема. Почнувајќи од 2012 година, околу 35.3 милиони луѓе живеат со ХИВ на глобално ниво. Од нив, околу 17.2 милиони се мажи, 16.8 милиони се жени и 3.4 милиони се деца помлади од 15 години.
Фантастичниот напредок во третирањето и спречувањето на епидемијата на СИДА-та затскрива некои загрижувачки предизвици и растечки закани.
„Не успеавме да ги покриеме клучните популациски групи и сведоци сме на медицински иновации кои ги исклучуваат сиромашните земји“, вели Бен Симс, директор на добротворната организација „StopAids“.
Најпогодена е Африка каде што се наоѓаат околу 68% од случаите на заразени со ХИВ (22.9 милиони) и 66% од смртните случаи (1.2 милиони). Ова значи дека околу 5% од возрасната популација таму е инфицирана.
Во моментов, во Обединетото Кралство живеат 107,800 луѓе со оваа болест. 24% не знаат дека ја имаат и се главни преносители. Од таа причина, група пратеници од Парламентот, апелираат на подигнување на свеста и зголемување на борбата за искоренување на СИДА-та.
Милиони луѓе со ХИВ умираат поради тоа што немаат пристап до лековите за СИДА. Почнувајќи од ова лето, 13.6 милиони луѓе земале комбинација на антиретровирални лекови кои го одржуваат нивото на ХИВ во крвта толку ниско, што луѓето се чувствуваат добро и не инфицираат други лица. Но, тоа значи дека две третини од возрасната популација со ХИВ и три четвртини од децата, не добиваат никаков третман.
„Ова е модерна трагедија со епски пропорции“ се вели во извештајот на Комитетот за ХИВ и СИДА во Обединетото Кралство.
Во посиромашните земји се’ уште нема доволно лекови, делумно поради високите цени кои фармацевтските компании ги наплаќаат, како и поради намалувањето на донациите од Глобалниот Фонд.Во извештајот се нагласува дека минатата година 1.5 милиони луѓе починале, а до 2030 година се очекуваат уште 55 милиони луѓе на кои ќе им биде потребен третман за ХИВ.
Две групи на луѓе се во најголема опасност: децата, за кои нема соодветна комбинација на лекови и оние на кои им е потребна нова комбинација бидејќи создале отпорност на првичната. Новата комбинација на лекови е уште поскапа, а бројката на луѓе на кои им е потребна се’ повеќе расте, како што е случајот во Европа и северна Америка.
Затоа, извештајот ја посочува потребата луѓето да дојдат пред парите, односно владите, фармацевтските компании и мултилатералните организации да работат заедно за создавање на нова комбинација на лекови, како и да се обрне повеќе внимание на децата, кои досега биле запоставени бидејќи „не претставуваат профитабилен пазар за фармацевтските компании“, како и оние групи до кои тешко се пристапува, како што се корисниците на дрога, мажите кои имаат секс со мажи, сексуалните работници и адолесцентките.