Библијата без сомнение е највлијателната книга на светот во последните 3.000 години, но кога се работи за тоа кој и кога ја напишал, мислењата помеѓу научниците се поделени.
Со цел да проценат колку луѓе знаеле да читаат и пишуваат во одредено време од античката историја, група математичари и археолози, предводени од Шира Феигенбаум-Головин од Универзитетот во Тел Авив, Израел, со помош на нови техники за обработка на слики и алатка за препознавање на ракописи, испитале 16 записи откриени во пустинската тврдина во Арад, западно од Мртвото море.
Овие записи што датираат 600 години п.н.е. (значи стари се отприлика 2.600 години) се испишани на парчиња од керамика во Периодот на Првиот Храм – 24 години пред Кралството на Евреите да биде соборено од Вавилонскиот крал.
Повеќето научници се сложуваат дека најстарите Библиски текстови, меѓу кои Книгата на Исус Навин, Книгата за судиите, двете Книги за Царевите, делови од Книгата на Постанокот и Второзаконието, биле оформени во овој период, така што би се очекувало дека во тоа време читале и пишувале само мал број од елитата ….Но, дали е така?
За да утврдат колку луѓе ги пишувале овие записи, истражувачите прво ги реставрирале записите со помош на нивната нова техника за обработка на слики и алатка за препознавање на ракописи.
Нивните анализи откриле најмалку шест различни автори кои стојат позади овие 16 записи. Преку испитување на самите текстови, истражувачите утврдиле дека меѓу авторите на записите имало припадници од сите делови на воената структура од тоа време – од највисоките, командните, до најниските, носачите на вода. Ова според истаржувачите укажува дека ако и носачите на вода знаеле да читаат и да пишуваат 600 години п.н.е. тоа значи дека „ширењето на писменоста“ почнало многу порано, што може да има импликации околу тоа кога се напишани првите книги од Библијата.
Ова значи дека најраните библиски текстови потекнуваат барем 200 години порано, изјавува за „Gizmodo“ Кристофер Ролстон, археолог од Универзитетот Џорџ Вашингтон, додавајќи дека постојат археолошки докази кои сугерираат дека делови од Библијата се напишани 800 години п.н.е.
Истражувачите сега работат на развивање и на други алатки со кои ќе можат да соберат уште повеќе податоци од древните текстови, со надеж дека со повеќе докази ќе може да се состави мозаикот за почетоците на најпродаваната книга на Земјата.
Наодите од истражувањето се објавени во „Proceedings of the National Academies of Sciences“.