Менструациите се разликуваат кај секоја жена. Тие за некои жени се лесни и безболни, додека за некои потполно исцрпувачки и болни. Најголем број од жените чувствуваат некаков вид грчеви во првите ден-два од циклусот и тоа е нормално.
Исто така, кај тинејџерките е погоема веројатност да страдаат од болни менструации, во споредба со возрасните жени, особено тие што имаат деца. Но, болните менструации во адолесценцијата, со време обично исчезнуваат.
Сепак, некои жени страдаат од менструални болки со кои е тешко да се справат, па затоа, често пати мора да отсуствуваат од училиште или работа. Болки со вакви размери не се нормални и затоа е потребно да се направат испитувања.
Зошто се болни менструациите
Менструацијата претставува лупење на ендометриумот (внатрешниот слој од матката).Секој месец, матката се подготвува за бременост, создавајќи дебела обвивка која има богато крвоснабдување во исчекување на имлантација на ембрионот. Ако не дојде до бременост, крвни садови се отвораат, обвивката се лупи од ѕидот на матката, а мускулите на матката се контрахираат за да ги исфрлат крвта и ткивото. За време на овие благи контракции, вообичаено жените чувствуваат грчеви во долниот дел од стомкот, додека крвта се истинува од матката и цервиксот, пред да се исфрли надвор преку вагината.
Овие контракции се поттикнати од супстанции што ги продуцира телото, наречени простагландини, кои се главнен извор на болката во карицата поврзана со менструацијата.
Повисокото ниво на простагландини е поврзано со поголеми менструални болки. Болката обично е поголема во првите ден-два од менструацијата, а потоа се смирува во останатите денови.
Болната менструација се нарекува дисменореја, а се разликуваат два типа: примарна и секундарна дисменореја. Примарната се однесува на меструалната болка која се јавува веднаш откако девојчињата ќе добијат менструација. Болката има тенденција да се намалува како што тинејџерките стануваат повозрасни. Не е познато што е причина за оваа болка, но се смета дека улога игра флуктуацијата на хормоните.
Главни лекови кои се користат за третирање на оваа болка се нестероидните анти-инфламаторни лекови (како ибупрофенот), кои делуваат преку блокирање на дејството на простагландините.
Секундарната дисменореја генерално се однесува на болни менструации што се резултат на нарушувања во репродуктивниот систем. Во овие случаи, наместо менструалната болка со време да се намалува, таа се зголемува. Ова може да се должи на неколку состојби, од кои најчеста е ендометриозата.
Што е ендометриоза?
Ендометриозата е состојба каде ткиво, слично како ендометриумот (внатречната обвивка на матката), расте надвор од матката.
Може да расте на јајниците, цревата, а во ретки случаи и надвор од карлицата (на пример белите дробови).
Хормоните што ја поттикнуваат менструацијата, предизвикуваат крварење во деловите каде има ендометријално ткиво што е причина за болка. Ендометриозата обично предизвикува менструалната болка да започне порано и да трае подолго од она што е вообичаено за менструалните болки. Понекогаш болката не престанува и откако менструцијата ќе заврши. Жените со ендометриоза се жалат и на болка во периодот на овулација и за време на секс. Друг проблем поврзан со ендометриозата е неплодноста.
Се проценува дека околу 100 милиони жени во светот страдаат од ендометриоза. Жените може и да не се свесни дека имаат ендометриоза или сметаат дека болките се нормална појава. Многу од нив имаат тенденција да ја толерираат оваа болка , која може исто така да се јави и кај тинејџерките и кај младите жени.
Ова е необична болест каде некои жени може да имаат многу ендометриоза, а да немаат многу симптоми, додека други може да се зафатени со малку ендометриоза, а да страдаат од многу тешки симптоми. За третман се користат хормонални таблети, како што се контрацептивните пилули.
Прогестоген имплант или интраутерин уред може да помогне во намалување на болката, но овие третмани не делуваат кај секоја жена.
Дијагнозата на оваа болест се поставува со лапароскопија. Ако хируршки се отстрани, жените обично имаат големо подобрување. Но, симптомите може повторно да се јават.Иако не се работи за смртоносна болест, нарушувањата што ги предизвикува кај жената можат да бидат многу вознемирувачки, а бидејќи е хронична, опстојува во текот на целиот менструален живот на жената.
Едно истражување покажало дека во просек поминуваат четири години пред жените со ендометриоза да побараат лекарска помош за своите симптоми.
Постојат и бројни други состојби кои придонесуваат за менструалните болки. Тука спаѓаат болки во цревата, мочниот меур и бубрезите, како и мускулите и коските (вклучувајќи го колкот и болките во грбот).