Колку време може човекот да издржи без храна?

Она што е фасцинантно за човечкото тело е дека иако без вода ќе почине само по неколку дена, кога се работи за храна, може да развие одбранбени механизми кои му овозможуваат да преживее прилично долго време. Според некои извештаи, има луѓе кои издржале без храна и до 70 дена.

Па, како телото го прави тоа? Како прво, многу е важно дали за време на гледувањето во организмот се внесува вода или не. Колку време ќе преживееме без храна во огромна мера е под влијание на неколку фактори, како што се телесната тежина, генетските варијации, здравствената состојба, но најважно е дали во организмот се внесува вода или не.

На своја 74-годишна возраст, Махатма Ганди успеал да издржи 21 ден без храна, за време на штрајк со глад. И покрај неговите години и нарушеното здравје, овој борец за човекови права успеал да го преживее гладувањето.

Иако, бројни фактори влијаат на тоа колку време организмот ќе преживее без храна, телото поминува низ многу специфични метаболни процеси кои му овозможуваат да ја сочува енергијата додека дојде до храна.

Шест часа после јадење

После јадењето, нашиот организам почнува да ја вари храната и го разложува гликогенот до глукоза, која се апсорбира во крвотокот. Глукозата се користи како примарен извор на енергија, ако телото се храни редовно. Таа го дава чувството на ситост, бидејќи оди во црниот дроб и мускулите, а во масните клетки се складира за подоцнежна употреба. Глукозата го напојува организмот шест часа, по што нивото паѓа и почнуваме да чувствуваме глад.

После три дена гладување

Залихите од глукоза можат да траат од 24 до 48 часа, иако тие во најголем дел ќе бидат исцрпени после шест часа. После тоа, покрај чувството на глад, организмот влегува во состојба на кетоза, што подразбира присуство на кетонски тела во организмот. Кетонските тела се продукти од масните киселини кога глукогенот од црниот дроб е целосно исцрпен, и се користат за добивање на енергија. Обично, ако постите или почнувате кето диета (или диета со малку јаглени хидрати), телото влегува во кетонска фаза. Понекогаш оваа диета се користи како медицинска интервенција при третирање на упорните епилепсии.

Меѓутоа, мозокот не може да ги користи масните киселини како единствен извор на енергија, па затоа продолжува да ги користи последните преостанати резерви на глукоза во телото. Мозокот троши 120 грама глукоза дневно, што претставува значителна количина, па затоа телото наоѓа други начини да го нахрани мозокот. На третиот ден, мозокот ќе почне да ги користи и кетонските тела како извор на енергија и од нив обезбедува околу 30 проценти од потребната енергија. Во четвртиот ден, мозокот сепак ќе почне да добива скоро 70 проценти од енергијата од кетонските тела.

После 72 часа гладување

Тешките процеси во телото се случуваат после 72 часа гладување, односно тогаш почнува процес што се нарекува автофагија. Откако ќе се потрошат мастите, организмот почнува да ги разложува протеините во мускулите, што во суштина значи губење на мускулната маса. Во оваа фаза, потребите на мозокот од 120 грама глукоза дневно паѓаат на само 30 грама. Но, за да ги задоволи своите енергетски потреби, мозокот ќе почне да ги користи и протеините од организмот. Разложувањето на протеините и ослободувањето на амино киселините во крвотокот ќе продуцира уште глукоза. Оваа трансформација се случува во црниот дроб за да му овозможи на мозокот уште еднаш да дојде до потребната глукоза. Иако мозокот ќе успее да преживее од протеините, мускулите ќе почнат полека да исчезнуваат. Интересно е што најголемиот губиток на протеини се случува во првите 72 часа од гладувањето. После тоа, организмот се адаптира за да ги зачува протеините. Во суштина, метаболизмот се успорува до таа мерка за да може организмот да преживее со најмалото можно количество на енергија.

Телото може да преживее до три недели или дури и до 70 дена, во зависност од тоа дали добива доволно вода и дали има доволно резерви од масти кои може да ги користи како енергија. Сепак, во одреден момент, имуниот систем ќе ослабне, како последица на недостатокот на витамини и минерали. Обично долгорочното гладување доведува до две состојби – алиментарна дистрофија (маразмус) и квашиоркор. Маразмус претставува тешка форма на неухранетост што се карактеризира со губиток на мускулите, отоци и надуеност на стомакот. Квашиоркор е најчеста форма на неухранетост во неразвиените земји, предизвикана од недостаток на протеини во исхраната и исто така се карактеризира со замор, отоци и губиток на мускулната маса.

Поддржете ја нашата работа: