Догорчињата од цигарите се наоѓаат насекаде. Се проценува дека околу 4,5 милијарди догорчиња од 6-те милијарди цигари што се пушат секоја година, завршуваат загадувајќи ја средината.
Со децении се смета дека не може да се рециклираат бидејќи содржат збиена мешавина на органски и неоргански производи со кои рециклирачките компании не можат да се справат.
Но, сега, една компанија се соочи со овој предизвик и смисли начин како да ги рециклира догорчињата од цигарите и да ги претвори во идустриски пластични производи, како на пример пластични палети, па дури и пепелници.
Компанијата е наречена „TerraCycle“ и нејзина цел е да ги земе предметите кои луѓето обично сметаат дека не може да се рециклираат и со помош на науката да пронајде начин за да ги рециклира.
Во конкретниов случај, компанијата успеала да ги рециклира догорчињата најпрво со тоа што ги разложила на нивните посебни делови. Органските материи, како тутунот и хартијата, ги помешала со други остатоци од храна и ги користела за поѓубрување на неземјоделските земјишта, како на пример терените за голф. Додека рециклирањето на филтерите било малку потешко со оглед на тоа што се направени од целулоза ацетат, што е еден вид на пластика која исто така се користи кај очилата за сонце.
За да ги рециклира филтерите, компанијата прво ги стерилизирала и ги исецкала на парчиња, а потоа ги помешала со други рециклирани материјали што овозможило да можат да се стопат во индустриска пластика, што всушност претставува пластика со низок квалитет и може да се користи за изградба на палети и железнички прагови.
Покрај тоа, компанијата, од своите рециклирани производи, создава и предмети како фризби и пепелници, како и општински градини и игралишта.
Додека процесот на производство е едноставен – вклучува едноставно топење и ремоделирање на пластиката, вистинскиот проблем, како и секогаш, е финансиски. Потребни се околу 2.000 цигари за да се произведе 1 кг. пластика и за жал, процесот на рециклирање чини повеќе од продажната цена на пластиката, па поради тоа овој процес на рециклирање нема да биде усвоен од страна на големите компании за рециклирање, барем не во скоро време.
Затоа, „TerraCycle“ има спонзори кои го финансираат процесот на рециклирање и тој е бесплатен барем за оние градови и лица кои им ги испраќаат догорчињата за рециклирање. Компанијата ќе продолжи да бара начини за рециклирање и на многу други производи, како на пример пенкалата, мобилните телефони и слично.