„Комунална хигиена“ ќе го чисти небото

Научниците тоа ќе го сторат со помош на мрежа, што наликува на онаа традиционалната за фаќање риби. За да ја тестираат способноста на мрежата да ги фати и отстрани сателитите кои повеќе не работат, како и другите отпадоци кои лебдат во вселената, а потекнуваат од човекот, научниците изведоа пробно возење во авион што лета во параболична форма, со што патниците ќе искусат кратки периоди на безтежинска состојба.

Во текот на два дена, научниците од Европската вселенска заедница летаа во канадски авион „Фалкон 20“, во 21 параболичен лак за да симулираат средина со микрогравитација. Секој период на безтежинска состојба траел околу 20 секунди. За време на тие 20 секунди, научниците со помош на компресиран исфрлувач ја исфрлале мрежата кон моделот на сателит.

Поради успешноста на тестовите, Европската вселенска агенција изјави дека ќе ги однесе мрежите во вселената во 2021 година, како дел од мисијата „e.Deorbit“ која има за цел да го отстрани ѓубрето од вселената кое претставува сериозна закана за идните вселенски летала и мисии.

 


Научниците исто така тестираат и роботска рака, харпун и зрак од јони за да го утврдат најдобриот метод за отстранување на отпадоците.

Според НАСА, постојат околу 500 илјади парчиња ѓубре во сите големини кои орбитираат околу Земјата, движејќи се со брзина од 28.160 км. на час. Со таа брзина, дури и оние најмалите од 1 см. можат да погодат и оштетат други сателити или летала со сила на рачна граната.

Мисијата „e.Deorbit“ е дел од иницијативата „Чиста Вселена“ (Clean Space) која посветува внимание на влијанието на активностите врз животната средина, и на Земјата и во вселената.

Поддржете ја нашата работа: