Контроверзно истражување – постојат само 2 вида тигри

Имено, едно ново контроверзно истражување сугерира дека наместо девет, постојат само два подвида на тигри. Овие наоди може да имаат драматично влијание врз заштитата на тигрите, иако, сепак сите не се сложуваат со заклучоците од истражувањето.

Околу 4 000-те тигри, колку што сега постојат во светот, класифицирани се во шест подвидови: Сибирскиот тигар, Бенгалскиот тигар, Јужнокинескиот тигар, Суматранскиот тигар, Индонезискиот тигар и Малајскиот тигар. Трите останати подвидови – Јаванскиот, Каспискиот и Балијскиот тигар, се сметаат за исчезнати.

Научниците од Институтот Лајбниц за истражуања од зоологија и див свет во Берлин, ги истражувале разликите помеѓу овие подвидови, преку споредување на мерките на черепот, одликите на крзното, екологијата и генетиката. Користеле податоци кои се веќе објавени, како и нови податоци за неколку музејски примероци од изумрените подвидови. Комбинирајќи различни карактеристики, тие откриле многу малку докази според кои со сигурност  може да се разликуваат девет подвидови. Наместо тоа, тие во својот извештај објавен во „Science Advances“, предлагаат дека постојат само два подвида: Сунда тигрите, во кои спаѓаат Суматранскиот тигар, плус исчезнатите Јаванскиот и Балијскиот тигар и континенталните тигри, кои ги опфаќаат сите останати подвидови.

„Генетски може да се најдат разлики помеѓу подвидовите, но ако се погледнат сите карактеристики заедно, може со сигурност да разликуваме само два подвида“- вели Андреас Вилтинг, еден од авторите на извештајот.

Овој документ сигурно ќе предизвика реакции, вели Урс Бреитенмосер, зоолог од Универзитетот во Берн. „Но сметам дека овој труд е сосема убедлив и во согласност со останатите наоди од последниве години, како што е документот во кој се сугерира дека Сибирскиот и Каспискиот тигар спаѓаат во ист подвид“- додава тој.

Бреитенмосер е ко-претседавач на групата специјалисти за мачки при Меѓународната унија за заштита на природат , организација кој ја изготвува црвената листа на загрозени видови. Пред две години тие пабарале од работната група да ја ажурира таксономијата на сите диви мачки. Резултатите се очекуваат до крајот на оваа година. „Ќе се земе во обѕир и овој предлог, исто така“ -додава  Бреитенмосер.

Сепак се појавија и критики. „Сведувањето на трите Сунда подвидови во еден можеби е прифатливо “, вели Стивен О’Брајан, генетичар од Центарот за геномска биоинформатика „Теодосиј Добжански“ од Санкт Петербург , Русија, но кај континенталниот тигар се покажуваат доволно различни генетски разлики, за да може да се диференцираат шест одделни подвидови.

Дел од проблемот е и тоа што тигрите имале многу малку време за да развијат одделни подвидови. Фосилите укажуваат на тоа дека животните преминувале преку големи површини во Азија пред 2 милиони години, но потоа се случила накаква катастофа. Генетските анализи покажуваат дека пред 70 000 години, повеќето животни биле убиени, веројатно од ерупцијата на огромниот вулкан Тоба на Суматра. Катастрофата ја преживеала, веројатно една мала популација и сите варијации што може да се видат денеска еволуирале во последните 70 000 години.

„Ова е доволно време за одделни видови генетски да се диференцираат, но не и морфолошки“, вели Су-Јин Луо, генетичар од Универзитетот во Пекинг, која работи на загрозените видови. „Генетските податоци се многу посигурни од морфологијата“, вели таа. Деветте подвидови може генетски да се разликуваат и тоа е доволно, тврди таа. Затоа таа е скептична, бидејќи новата студија се потпира и на анатомијата и на екологијата.

Ако се усвои новата класификациј , тоа ќе направи промени и  во напорите да се спасат тигрите. „Тоа ќе ја олесни заштитата“, вели Вокер Хомс, специјалист за заштита на загрозените водови од Германија. „На пример Бенгалските тигри, од кои има останато околу 2 000, може да се искористат да се зголеми популацијата на Јужнокинеските тигри, кои веројатно во дивината се веќе исчезнати“ – вели тој.

Но може да има и негативни последици, предупредува Хомс. Многу земји се горди на тоа што имаат уникатен вид на тигар на своја територија, а класификацијата на неколку од нив во еден подвид, може да ги намали напорите за нивна заштита. Постои опасност, некои од земјите да не се чувствуваат толку одговорни за заштита на тигарот , бидејќи веќе не е „нивен уникатен тигар“.

Поддржете ја нашата работа: