Кравите ќе ни помогнат да пронајдеме вакцина против ХИВ?

Американските истражувачи тврдат дека кравите се успешни кога станува збор за борбата против ХИВ вирусот.

Се верува дека кравите поради својот комплексен богат бактериски гастроинтестинален систем, можат многу брзо да произведат антитела кои можат да неутрализираат ХИВ. Ова е прво откритие од ваков вид, во областа на имунизацијата.

Борбата против ХИВ вирусот отсекогаш била тешка, бидејќи вирусот контантно мутира и му ја оттежнува работата на имунолошкиот систем во борбата против вирусот. Мал број на пациенти, неколку години по првичната инфекција развиле антитела кои се способни нашироко да ги неутрализираат оние делови од вирусот кои не се менуваат.

Истражувачите од Меѓународната иницијатива за вакцина против сида, и Институтот Скрајпс, со цел да пронајдат вакцина која ќе го навикне имунолошкиот систем да произведува такви антитела, пристапиле кон имунизација на крави.

“Начинот на кој кравите реагираат навистина не шокира. Овие антитела, кравите ги произведуваат за само неколку недели,” – вели Д-р. Девин Сок. На луѓето им се потребни три до пет години за развивање на такви антитела.

Наодите од истражувањето се објавени во списанието Nature и покажуваат дека антителата кои се произведени од крави успеале да неутрализираат дури 20 отсто од видовите на ХИВ вирусот во рок од 42 денови.

“Моќта на одговорот кои го даваат кравите против вирусот е неверојатна,”– вели Д-р. Денис Бартон, еден од истражувачите кои учествувале во проектот. “За разлика од човечките антитела, веројатноста е поголема дека кравјите антитела ќе имаат уникатни карактеристики кои ќе ни помогнат во борбата против ХИВ” – додава тој.

Антителата кои можат да го неутрализираат вирусот се долги и формираат кружница, а тоа е невообичаено за човечки антитела. Кравјите антитела се инхерентно подолги и замотани, па така на кравјиот имунолошки систем е полесно да се направат антитела.

Ова откритие значи дека кравите во иднина ќе бидат извор на поефективни вагинални микробициди кои ќе го потиснуваат вирусот. Сепак целта која ја имаат научниците засега, е да се произведе вакцина која ќе го стимулира имунолошкиот систем во производството на антитела.

Поддржете ја нашата работа: